ПОВЕЌЕ

    [Анализа] Рекорден промет од тргувањето со акции за првиот квартал 2020 година на Македонска берза

    Време зa читање: 4 минути

    Македонска берза, направи анализа и детален преглед на тргувањето во првиот квартал од 2020 година.

    Главни карактеристики на тргувањето во првиот квартал од 2020 година беа:

    • Значајно зголемен промет од тргување со акции во Q1 2020 година
    • Изразени ценовни флуктуации и пад на вредноста на МБИ10
    • Промени на дневните ценовни ограничувања и воведување на нов механизам за автоматско стабилизирање на ценовните движења

    Вкупниот промет по сите основи во Q1 2020 година изнесуваше околу 68 милиони евра, што преставува зголемување од 133% наспроти Q1 2019 година (29 милиони евра), односно зголемување од 97% во однос на Q4 2019 година (34 милиони евра).

    Прометот со акции во БЕСТ системот во овој квартал бележи вредност од околу 41,7 милиони евра и е за 231% поголем во однос на истата големина во Q1 2019 година, односно 122% повеќе споредено со Q4 2019 година.

    Анализата на десетгодишната временска серија на дневниот промет од тргување со акции во БЕСТ системот покажува дека во последните 10 години дури 5 дена со најголем промет од тргување со акции во класичното тргување биле токму во март 2020 година

    • 12.03.2020 – околу 2,2 милиони евра
    • 06.03.2020 – околу 2 милиони евра
    • 20.03.2020 – близу 2 милиони евра
    • 18.03.2020 – околу 1,9 милиони евра  
    • 13.03.2020 година – околу 1,8 милиони евра

    Македонскиот берзански индекс – МБИ10 во првиот квартал од 2020 година бележи пад од околу 22%.

    Доколку се анализира по месеци, после одличната перформанса на индексот во јануари (+5,8%), негативните перцепции за последиците од состојбите поврзани со COVID-19 и движењата на меѓународните пазари во текот на февруари го поништија претходниот раст на МБИ10 (-5%), а само во месец март индексот забележа пад од 22,47%, што преставува втор најголем месечен пад на вредноста на МБИ10 од неговото воведување во јануари 2005 година (поголем месечен пад е регистриран само во октомври 2008 година). Со оглед на ваквите ценовни движења вкупната пазарна капитализација на котираните акционерски друштва на крајот на март 2020 година изнесуваше околу 2,5 милијарди евра и во однос на крајот на 2019 година бележи пад од околу 16%.

    Најтргувани хартии од вредност во овој квартал беа акциите издадени од:

    Подолу се презентираат податоци за тргувањето на сите акции – елементи на МБИ10, во првиот квартал од 2020 година.

    Интензивните ценовни осцилации при тргувањето со хартии од вредност и нагласените промени на вредноста на индексот МБИ10 во месец март, како последица на влијанието на настаните и информациите поврзани со вирусот COVID-19, придонесоа за промена на дневните ценовни ограничувања (од +-10% на +-5% во периодот од 17.03. до 26.03.2020 година).

    За времетраење на оваа мерка што ја донесе Берзата, односно во текот на 7 трговски дена, МБИ10 забележа 4 пати пад и 3 пати раст (во последните 4 трговски дена кога ограничувањата изнесуваа +-5% МБИ10 забележа 3 зголемувања на својата вредност).

    Исто така, во функција на обезбедување уредно тргување со хартиите од вредност во вакви услови, од 16.03, по добиена согласност од Комисијата за хартии од вредност, на Берзата беше воведено и ново правило за автоматско времено прекинување на тргувањето со сите хартии од вредност во рамките на еден трговски ден (кога индексот МБИ10 ќе се промени за повеќе од 70% од важечките статички лимити) и истото беше тригерирано 5 пати.

    И во овие новонастанати околности берзанското тргување се одвиваше редовно и уредно, а Берзата како лиценциран пазарен оператор континуирано им обезбедуваше соодветни услуги на своите членки, издавачите и инвеститорите, како и на сите други субјекти коишто се директно или индиректно заинтересирани за непречено функционирање на македонскиот пазар на хартии од вредност.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично