Македонија преку нови електроенергетски и гасни интерконекции се поврзува со соседите и создава услови да стане регионална енергетска крстосница, оцени пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ангелинка Петкова на денешната прес-конференција. Таа ги издвои далноводот Битола–Елбасан, гасниот интерконектор со Грција и планираното поврзување со Србија како дел од инфраструктурните проекти што треба да ја зголемат енергетската сигурност и да отворат простор за нови инвестиции.
„Македонија има една голема стратешка предност која мораме да ја искористиме, а тоа е нашата географска положба. Ние сме мала земја, без излез на море, но сме во срцето на Балканот и на крстопатот на два исклучително важни европски коридори, Коридор 8 и Коридор 10.
Токму затоа, инвестициите во енергетското поврзување и инфраструктурата, ги гледаме како една од најголемите можности за економски развој на државата“, наведе Петкова.

Целта е државата да биде поврзана со сите соседи и да стане дел од регионалните енергетски текови. Со проектот за поврзување со Албанија, заедно со постојните врски со Бугарија, Србија, Косово и Грција, се создавате услови Македонија да биде целосно интегрирана во регионалниот електроенергетски систем.
„Истата политика ја водиме и во областа на природниот гас. Започна и веќе е во завршна фаза изградбата на гасниот интерконектор со Грција, инвестиција вредна околу 60 милиони евра, со почетен капацитет од 1,5 милијарди кубни метри годишно, кој може да се зголеми до 3 милијарди. Овој проект е особено значаен затоа што е двонасочен и отвора пристап до нови извори на природен гас, со што се зголемува сигурноста и се создава поголема конкуренција на пазарот“, наведе пратеничката.
Следниот чекор, рече таа, е поврзувањето со Србија. Со реализацијата на северниот интерконектор, Македонија ќе добие можност да стане транзитна земја за гасот што доаѓа од југ, од терминалот во Александрополис и од други извозни пазари, кон Централна Европа.
„Тоа е сериозна геостратешка можност за нашата држава, а на земјите од регионот ќе им обезбеди можност да го користат тој гас за производство на електрична енергија, што ќе ги движи идните центри за податоци, а вештачката интелигенција ќе ги користи тие центри за податоци. Македонија треба да биде меѓу земјите кои ќе ја препознаат оваа можност и навреме ќе создаде услови за такви инвестиции, да бидеме пионери и движечка сила во регионот“, смета Пекова.
Како што нагласи, ова не го гледаат само низ призма на енергетиката, туку поврзаноста е услов за инвестиции, а „големите инвеститори денес бараат сигурно снабдување со енергија, современа инфраструктура и можност своето производство да го пласираат на повеќе пазари“.
Во тој контекст на позиционирањето на Македонија како балканска крстосница посочи и на пуштањето на продуктоводот од солунското пристаниште со ОКТА, на рестартирањето на гасоводот Велес-Штип, Гостивар-Кичево и отсечката која од Тетово ќе се насочи кон Косово.
„Нашата визија е Македонија да престане да биде на крајот од енергетските мрежи и да стане дел од нивниот центар, да имаме повеќе извори на енергија, повеќе можности за транзит и повеќе услови за инвестиции“, изјави пратеничката Петкова.
Аналитика








