Утрата мамат со мирисот на свежо испечен леб, ѓевреци и слатки печива штотуку излезени од фурна. Зад топлите задоволства стојат ноќни часови работа и армија луѓе што се грижат за производството – од пекари и слаткари до продавачи и друг персонал.
Во 870 компании што произведуваат леб, свежи печива и слатки во 2025 година имало 5.147 вработени, или само 15 повеќе од претходната година. Бројот на вработени речиси мирува, а извесно поместување има кај платите. Просечната плата се зголемила за 5,5 насто, од 22.035 на 23.246 денари, но сепак е за 1.133 денари под минималната плата, која лани беше утврдена на прагот од 24.379 денари.
Сепак, тој просек крие големи разлики. Меѓу најголемите работодавачи има плати од над 40 илјади денари, но и пониски, од околу 23 илјади денари. Кога ќе се погледне листата на десетте компании со највисоки просечни примања, се појавува интригантна слика од претежно мали фирми со скромен промет, уште поскромен профит, но со просечна плата и до 1.200 евра.

Извор: Бизнис Мрежа
ЗА ЕДНА ГОДИНА – ЕДЕН ВРАБОТЕН ПОМАЛКУ
Повеќе од една четвртина од вработените во овој сектор, или близу 27 насто, својот леб го вадат преку ангажманот кај некој од десетте најголеми работодавачи, покажа оваа анализа на Пари, која ги користи податоците од Бизнис Мрежа. Станува збор за 1.379 вработени, за еден помалку отколку во 2024 година.
Со над сто, односно со по неколку стотици вработени се четири компании.
Најголем работен потенцијал има Жито Лукс, каде што платата ја заработуваат 329 лица. За една година, овде се затвориле две работни позиции (‒ 0,60 %).
Жито Леб од Охрид минатата година функционирал со 295 лица, шест повеќе од претходната година (+ 2,08 %). Следува Диме, со 172 вработени, но таму работната сила се намалила за 8,51 насто, односно за 16 лица.
Високо на листата се двете компании со Силбо во називот. Жито Скопје Силбо има 130, а Жито Клас Силбо 95 вработени. Во првата компанија бројната состојба е намалена за 3,70 насто, додека во втората е зголемена за 9,20 насто, што е и најголем раст забележан меѓу топ 10-те работодавачи.
На дното од оваа листа е скопската Жито интеграл пекара, со 59 вработени, три помалку од претходната година.

Извор: Бизнис Мрежа
ЖИТО ЛУКС И КИСМИ СО НАД 40 ИЛЈАДИ ДЕНАРИ ПРОСЕЧНА ПЛАТА
Се разликуваат и платите кај најголемите пекарски работодавачи. Во Жито Лукс лани била исплаќана просечна плата од 41.279 денари, а во Кисми од 41.127 денари.
Во охридската Жито Леб просекот бил 31.565 денари, во Диме 30.434 денари, а во Жито Скопје Силбо 26.695 денари.
Најниската просечна плата меѓу десетте најголеми работодавачи била наменета за тие 71 вработен во МИГ-Бисер од Струмица. Износот бил 23.098 денари. Во однос на Жито Лукс, пониска е за повеќе од 18 илјади денари.
МАЛИ ПЕКАРНИЦИ И НАЈВИСОКИ ПЛАТИ
Големите пекарски системи не само што не се на врвот, туку воопшто ги нема во рангирањето на топ 10-те компании со највисоки плати. На листата доминираат микрокомпании – три од десет имаат по само еден вработен, а ниту една нема повеќе од 15. Кај дел од нив високата просечна плата не оди рака под рака со профитабилноста.
Охридската Пекара Маци, со тројца вработени, е на самиот врв со просечната плата од 74.813 денари. Во споредба со 2024 година, платата е зголемена за 22,31 насто.
Зад неа е скопската Лен и Ким, со просечни 68.565 денари и со само еден вработен. Треторангираната Амбросса 2025 од Кичево, исто така има еден вработен, а просечната плата е 55.519 денари.
Кога се зборува за процентите на раст, се издвојува Зоел-Ком од Битола. Просекот скокнал за 142,02 насто, од 22.382 на 54.168 денари. Фирмата има двајца вработени. Кај Фурна Тасеви, пак, платата што ја примаат тројцата вработени пораснала за 110,23 насто, од 24.317 на 51.121 денар.

Извор: Бизнис Мрежа
НЕ Е ИСТО ТОП ПЛАТА И ТОП БИЗНИС
Како им оди бизнисот на пекарите и слаткарите со највисоки плати? Дали примањата се одраз на високиот праг на успешност?
Пекара Маци, која е прва по просечната плата, лани имала приход од 190,4 илјади евра и профит од 12,9 илјади евра. Но, само една година порано, добивката ѝ била нешто над 120 евра, па растот е огромен – 10.344,26 насто. Прометот на Лен и Ким, пак, изнесувал 12,8 илјади евра, но годината е завршена со загуба од речиси 8 илјади евра.
Најмногу вработени (15), на оваа топ 10 листа има Пан Пан. Компанијата се истакнува и со минатогодишниот приход од 477,6 илјади евра и растот од 2.582,73 насто. Но, и покрај тоа, компанијата прокнижила загуба од 121,5 илјади евра.
Слична е сликата и кај другите фирми: високата просечна плата е поврзана со малубројна екипа, а оди паралелно или со скромен профит или со загуба.
Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Брашното и водата прават чуда: пекарите и слаткарите со промет од 160,6 милиони евра
Аналитика








