ПОВЕЌЕ

    Осигурителниот сектор на две брзини: Животното осигурување со силен раст, неживотното бележи пад

    Време зa читање: 5 минути

    Осигурителниот сектор во првите шест месеци од 2026 година во земјава покажува слика на пазар во трансформација: новата бруто-полисирана премија останува речиси на ланското ниво, но зад оваа привидна стабилност се кријат две различни динамики. Животното осигурување бележи силен раст од над 33 насто, додека неживотното осигурување е во негативна зона со пад од 3,4 насто.

    Вкупната нова бруто-полисирана премија во осигурителниот сектор изнесува 8,77 милијарди денари, што е минимално намалување од 0,2 насто во однос на истиот период лани. Но, структурата на растот покажува значајна промена. Животното осигурување ја зголеми продажбата на нова премија за околу 256 милиони денари, додека неживотното осигурување забележа пад од околу 273 милиони денари.

    Ова укажува дека сегментот на животно осигурување станува најдинамичниот дел од осигурителниот пазар во Македонија. Со тоа го зголеми своето учество во вкупната ново продадена премија на осигурителниот сектор на 11,9 насто, наспроти 8,9 насто во истиот период лани. Ова е и сигнал дека интересот за долгорочна финансиска заштита и осигурителни производи поврзани со животот добива поголема тежина.

    Во ваквата пазарна поставеност, Триглав Осигурување Живот АД Скопје се издвојува како лидер во животното осигурување, со нова бруто-премија од 418 милиони денари и пазарно учество од 40,2 насто во овој сегмент. Компанијата го задржува првото место според износот на нова реализирана бруто-премија и бележи раст од 25,4 насто, што значи реализација на нови дополнителни речиси 85 милиони денари премија во споредба со периодот јануари ‒ јуни 2025 година.

    Лидер во неживотното осигурување е Македонија осигурување, со 1,24 милијарди денари нова бруто-премија и пазарно учество од 16 насто.

    Компанијата бележи умерен раст од 3,1 насто, што е доволно за задржување на водечката позиција во сегментот.

    Животно осигурување е најбрзорастечки сегмент

    Животното осигурување е носител на позитивната приказна во осигурителниот сектор во првата половина од годината. Вкупната реализирана нова бруто-премија во овој сегмент достигна 1,04 милијарди денари, што претставува раст од 32,7 насто во споредба со 782,6 милиони денари во истиот период од 2025 година.

    Од оваа сума, 418 милиони денари се нова бруто-премија на Триглав Живот. Со тоа компанијата останува најголем играч во сегментот на животното осигурување според овој параметар. Растот на Триглав Живот не е само резултат на висока почетна база, туку и на силно апсолутно зголемување. Компанијата ја зголеми новата премија за 84,8 милиони денари, односно за 25,4 насто, што ја позиционира како стабилен лидер на пазар што забрзано расте.

    Извор: Агенција за супервизија на осигурувањето

    Второто место го има Кроација Живот со 323,8 милиони денари премија и раст од 24,8 насто, што ѝ обезбедува пазарно учество од 31,2 насто. Заедно, Триглав и Кроација контролираат повеќе од 71 насто од пазарот на животно осигурување според новата реализација на премија, што покажува висока концентрација кај водечките компании.

    Највисока стапка на раст има Сигал, чија премија се зголеми за 122,7 насто, од 56,7 милиони денари на 126,3 милиони денари. Со ова, компанијата го зацврсти третото место и достигна пазарно учество од 12,2 насто. Силен раст бележи и Граве, со зголемување од 70,9 насто, додека Винер има умерен раст од 11,8 насто. Единствен пад во сегментот има Прва Живот, чија премија е намалена за 14,2 насто.

    Гледано според реализацијата на бруто-премија, пазарот на животно осигурување дефинитивно расте брзо и конкуренцијата се засилува, но лидерската позиција останува кај Триглав Живот со апсолутен придонес во растот.

    Пад на премијата на пазарот на неживотно осигурување

    Неживотното осигурување и натаму го има доминантниот удел во осигурителниот сектор во земјава, со бруто-полисирана премија од нови полиси од 7,73 милијарди денари, односно 88,1 насто од вкупниот пазар. Сепак, за разлика од животното осигурување, овој сегмент бележи пад од 3,4 насто во споредба со првото полугодие од 2025 година.

    Лидерската позиција во првата половина од оваа година ја презеде Македонија осигурување, со реализација на нова бруто-полисирана премија од 1,24 милијарди денари и пазарно учество од 16,0 насто. Компанијата бележи умерен раст од 3,1 насто, што е доволно за преземање на првото место, кое во првата половина од 2025 година го држеше Еуролинк.

    Извор: Агенција за супервизија на осигурувањето

    Еуролинк годинава бележи голем пад кај реализацијата на бруто-полисирана премија од дури 42,9 насто, односно од 1,52 милијарди на 870,2 милиони денари. Овој пад од околу 653 милиони денари има најголемо влијание врз негативниот резултат на целиот сегмент на неживотно осигурување.

    На второто место според остварените резултати е Сигал со 1,02 милијарди денари премија и раст од 9,2 насто, додека Триглав осигурување е трета со 936,6 милиони денари и пазарно учество од 12,1 насто. Кај Триглав во неживотното осигурување има пад од 2,5 насто во споредба со истиот период лани.

    Кај другите компании има позитивни движења. Кроација неживот бележи раст од 13,8 насто, Граве неживот раст од 25,4 насто, Осигурителна Полиса раст од 11,2 насто, а Халк осигурување раст од 11,0 насто.

    Првото полугодие од 2026 година покажува дека осигурителниот сектор во Македонија полека се преструктуира. Неживотното осигурување останува доминантно по обем, но веќе не е двигател на растот. Таа улога сè повеќе ја презема животното осигурување, каде што растат и премијата и конкуренцијата.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично