ПОВЕЌЕ

    ГОЛЕМАТА БАНКАРСКА ТРОЈКА – профитот падна, моќта остана

    Време зa читање: 5 минути

    Трите најголеми банки во земјава се главниот столб на македонскиот банкарски систем – и по големината на депозитната база, и по кредитирањето, но и по профитот. Комерцијална банка, Стопанска банка Скопје и НЛБ банка во првите шест месеци од годинава заедно заработиле 93,1 милион евра.

    Тоа е помалку од истиот период лани, кога големата тројка имаше остварување од 102,6 милиони евра. Разликата е 9,5 милиони евра. Профитот е намален за 9,26 отсто.

    Зад заедничкиот пад стојат сосема различни движења. Комерцијална банка запишала минус, но останува убедливо најпрофитабилна. НЛБ е единствената со раст на добивката. Стопанска бележи најголем пад.

    Комерцијална банка ја заокружи првата половина од годинава со добивка од 45,5 милиони евра. Без оглед на намалувањето од 5,5 отсто, износот зафаќа речиси половина или 49 отсто од вкупната добивка на трите банки.

    Гледано по таа линија, профитот на НЛБ банка носи 30 отсто. Заработката од 28 милиони евра ја следи зголемување од 6,9 насто.

    Учеството на Стопанска банка е со 21 отсто. Добивката од 19,6 милиони евра е пониска за безмалку 31 отсто на годишно ниво.

    КОМЕРЦИЈАЛНА ВОДИ СО ДЕПОЗИТИТЕ, СТОПАНСКА СО КРЕДИТИТЕ, НЛБ СО РАСТОТ

    Банките растат паралелно со зголемувањето на довербата од клиентите – од граѓаните и компаниите. Тоа се гледа преку влоговите, кредитната побарувачка, преку изборот каде да се отвори приватна или службена сметка…

    Најголема е депозитната база на единствената домашна банка во овој состав. Комерцијална банка располага со 2,75 милијарди евра. Тоа е околу 25 отсто од сите депозити во македонскиот банкарски систем.

    Во овој сегмент, разликата меѓу Стопанска и НЛБ е само 20 милиони евра. Кај првата се депонирани 1,99 милијарди евра, а кај втората 1,97 милијарди евра.

    Затоа, поголеми се процентуалните истапувања. Од крајот на минатата година депозитите кај Комерцијална банка се повисоки за 2,6 насто. Слично е движењето и во Стопанска банка, од 3 насто. Предводник на ова поле е НЛБ банка, со регистриран раст од 13,6 насто.

    Кај кредитите, пак, некако по традиција, лидерската позиција се менува. Стопанска банка има најголемо кредитно портфолио од 1,86 милијарди евра, пред НЛБ со 1,77 милијарди и Комерцијална со 1,36 милијарди евра.

    Или, Стопанска има околу 500 милиони евра повеќе кредити од Комерцијална, иако Комерцијална има околу 760 милиони евра повеќе депозити.

    Но, кога се гледа шестмесечниот раст, повторно се истакнува НЛБ банка со 20,3 насто. Кај Стопанска банка се регистрирани 5 насто, а кај Комерцијална банка 3,4 насто.

    СО КАМАТИ, ПРОВИЗИИ, КУРСНИ РАЗЛИКИ… ДО МИЛИОНИ

    Основата на банкарските приливи се каматите, но не се за потценување ниту останатите чинители. По сите основи, за шест месеци во Стопанска банка се инкасирани над 50 милиони евра, во НЛБ над 60 милиони и во Комерцијална банка над 70 милиони евра.

    Кај приходите од камати, Комерцијална банка е прва со 49,7 милиони евра. Ја следат Стопанска банка со 41,1 милион и НЛБ банка со 39,8 милиони евра.

    Но, кога се зборува за пресметка и наплата на провизии, Комерцијална со остварените 10,7 милиони, а особено Стопанска со 6-те милиони, заостануваат зад НЛБ и постигнувањето од 13,5 милиони евра. Тоа е за 2,8 милиони евра повеќе од Комерцијална и повеќе од двојно во однос на Стопанска банка.

    Во споредба со првата половина од 2025 година, единствено намалување кај приходните елементи бележи Стопнска банка: нето-приходите од камати се пониски за 13 отсто, од провизии за 7, а од курсни разлики за 10 отсто.

    СИЛАТА НА БАНКАРСКАТА ТУПАНИЦА

    Колку се големи и моќни трите банки, најдобро се гледа кога ќе се стават во контекст на целиот банкарски систем.

    Според податоците на Народната банка, на крајот на јуни вкупните депозити во земјава достигнале 10,98 милијарди евра. Само на Комерцијална, Стопанска и НЛБ им се доверени 6,71 милијарда евра.

    Со други зборови, големата тројка контролира околу 61,1 отсто од целата депозитна база на банкарскиот сектор.

    Севкупната кредитна активност на крајот од јуни имала износ од 9,6 милијарди евра. Од нив, 4,99 милијарди евра се користат како средства одобрени од трите најголеми банки. А, тоа е 52 отсто од сите кредитни пласмани во банкарскиот систем.

    Од аспект на активата, убедлива е предноста на Комерцијална банка со 3,21 милијарда евра. Активата на Стопанска банка Скопје е 2,59 милијарди, а на НЛБ банка 2,58 милијарди евра. Заедно, трите банки имаат актива од 8,38 милијарди евра.

    И така, сликата е целосна: кај оваа тројка се повеќе од три петтини од депозитите, повеќе од половина од кредитите и огромен дел од активата на банкарскиот систем – иако профитот им е нешто послаб.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично