ПОВЕЌЕ

    Power BI е мртов. Да живее Power BI

    Време зa читање: 6 минути

    Не е проблем што користите Power BI. Проблем е ако секое ново прашање повторно бара нов извештај.

    Неодамна разговарав со раководниот тим на европска финансиска групација. Два часа пред средбата, управниот одбор добил две различни бројки за истиот деловен показател, така што од два оддела пристигнала по една различна бројка. Во тој момент темата повеќе не беше показателот. Темата беше дали раководството воопшто може да им верува на бројките врз кои одлучува.

    Ова е голем, но и чест проблем. Две различни бројки на ист состанок веднаш го претвораат управувањето со податоците во приоритет и раководен проблем.

    „Имаме Power BI“

    Кога ги прашувам компаниите како управуваат со податоците, често добивам краток одговор: „Имаме Power BI“. Реченицата звучи како со неа да е затворена целата тема.

    Поставете им едно практично прашање на колегите. Можат ли уште утрово самостојно да стигнат до бројката што им треба, без да се јават во информатичкиот сектор и без да чекаат аналитичар да им подготви нов извештај? Во многу организации сè уште треба да се чека и за едноставен одговор што не е однапред подготвен како посебен извештај.

    Во многу компании Power BI беше воведен за да ги замени статичните извештаи. Подготовката на податоците и деловната логика потоа завршија во секој нов извештај. Резултатот се поубави визуализации врз заплеткана основа што се повторува низ десетици датотеки и работни простори. Во индустријата ова е познато како неконтролирано ширење на извештаите (report sprawl): тимот за управување со податоци станува фабрика за извештаи, наместо фабрика за конкретни анализи и деловни правила што деловната страна би можела самостојно да ги користи одново во иднина. Секое ново прашање создава уште еден извештај.

    Со текот на времето, различни тимови користат различни пресметки за ист показател. Кога ќе се промени дефиницијата за „активен клиент“, мора да се смени во сите извештаи што ја користат, а понекогаш само неколкумина знаат кои се тие.

    Половината што остана празна

    Power BI во повеќето компании служи за две работи: го прикажува резултатот и ги содржи деловните дефиниции врз кои тој е пресметан. Првиот дел го гледаме во графиконите, табелите и контролните табли. Деловните дефиниции се чуваат во семантичкиот модел, каде што се запишува што точно значат зборовите „приход“, „маржа“, „активен клиент“ и другите поими врз основа на кои се носат одлуки.

    Во многу имплементации делот за прикажување е добро развиен. Семантичкиот модел најчесто заостанува. Контролната табла е видлива и лесно се презентира. Усогласувањето на дефинициите бара разговор меѓу одделите за финансии, продажба, операции и информатичкиот сектор. Кога тој разговор изостанува, две различни бројки лесно завршуваат на ист состанок.

    Кога секој ќе може да праша

    Добавувачите сега ветуваат разговор со податоците. Вработениот ќе постави прашање со свои зборови, а асистентот ќе ја пронајде бројката и ќе го објасни резултатот.

    Еве што, всушност, умира: не самиот графикон, туку графиконот како крајна дестинација. Повеќе од една деценија, „да работиш аналитика“ значеше да изградиш извештај и да ги пратиш луѓето да го гледаат, а повеќе извештаи значеше напредок. Кога секој со свои зборови може да постави прашање и веднаш да добие одговор, никој нема да оди до контролната табла за да ја бара бројката. Графиконите остануваат, но само како еден од повеќето начини да се види одговорот, веќе не се местото каде што живее аналитиката. Има уште: одговорот сè почесто не служи само за да се погледне, туку веднаш да се одлучи и да се дејствува врз него, во истиот момент додека се анализира. Во таква средина довербата во одговорот е поважна од брзината со која е добиен.

    Она што наследува сè е другата половина од истиот производ: дефинициите оддолу, врз кои почива секој одговор, без разлика дали прашува човек или машина. Power BI не умира, туку се преместува оддолу, од она што го гледавме во она што одлучува дали одговорот е точен. Асистентот се потпира токму на тие дефиниции запишани во семантичкиот модел. Кога дефинициите се нејасни, технологијата ја забрзува забуната што веќе постои во компанијата. Во своите упатства за Копилот и семантичките модели во Power BI, Мајкрософт предупредува дека неподготвените податоци, модели и корисници водат до одговори што можат да бидат неточни или да доведат до заблуда. Во истите упатства се наведува дека таквите одговори можат да предизвикаат погрешни деловни одлуки и постапки.

    Во прогноза објавена во мај 2026 година, Гартнер ја нагласи истата тема. Според прогнозата, до 2027 година организациите што ќе ѝ дадат приоритет на семантиката при подготовката на податоците за вештачка интелигенција можат да постигнат до 80 насто поголема точност на агентите со вештачка интелигенција и до 60 насто пониски трошоци. Гартнер ги дава овие бројки како прогноза. Практичните резултати ќе зависат од условите во секоја компанија.

    Големите платформи го менуваат фокусот

    Истото го покажуваат и потезите на големите податочни платформи. Во текот на 2026 година тие додаваат алатки со кои деловните дефиниции се задаваат еднаш, па потоа се користат насекаде. Пристапите се различни, но тргнуваат од исто барање: системот прво да добие проверен деловен контекст, па потоа да одговара во име на компанијата.

    Еден речник за цела компанија?

    Не мора да имате еден модел за целата компанија. Помалите компании добро функционираат и со една заедничка основа, а поголемите природно имаат по неколку модели: за финансии, продажба и операции. Важно е друго: заедничките поими во сите нив да имаат иста договорена дефиниција, јасен сопственик и јасно наведен извор.

    Индустријата веќе работи и на заеднички формат за размена на овие дефиниции меѓу различни алатки. Тоа што се вклучуваат повеќе компании покажува дека проблемот е широко препознаен.

    Почнете со една бројка

    Почнете од едно прашање што редовно стигнува до раководството, како бројот на активни клиенти или маржата по производ. Следете ја бројката до изворот. Запишете ја формулата, колку често се освежува бројката, кои исклучоци се дозволени и кој ја одобрува дефиницијата. Проверете и во кои извештаи се повторува истата логика.

    Договорената дефиниција внесете ја во семантички модел што може повторно да се користи. Луѓето што работат со податоци треба да ја разбираат деловната логика и самостојно да стигнуваат до одговор. Со заедничка основа, извештаите, Ексел и разговорниот асистент ја користат истата одобрена деловна логика.

    Откако ќе го поставите моделот, тестирајте го. Поставете му на асистентот реални прашања од раководството, вклучително и двосмислени формулации. Споредете ги одговорите со одобрените пресметки и запишете каде моделот греши. Така семантичкиот слој добива сопственик што одговара за него и квалитет што редовно се проверува.

    Најмногу работа обично има во усогласувањето меѓу одделите: што значи „активен клиент“, кој е одговорен за дефиницијата и како таа ќе се менува. Секоја промена потоа треба да стигне до сите извештаи и алатки што ја користат.

    Контролната табла и асистентот се само два начина да се стигне до истиот одговор, а и двата почиваат на деловните дефиниции на кои компанијата им верува. Контролната табла како крајна дестинација е минато. Значењето под неа е сегашноста и иднината. Power BI е мртов. Да живее Power BI.

    Автор: Филип Петровски, Data Masters

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично