Гувернерот Трајко Славески и заменик-претседателката на Светската банка Антонела Басани потпишаа договор за техничка соработка, со кој ќе се обезбеди експертска поддршка за воведување систем за инстант плаќања во земјава.
Договорот има за цел да помогне во дизајнирањето и имплементацијата на новиот платен систем, како и негово усогласување со современите европски практики. Станува збор за систем заснован на клонот на ТИПС (Target Instant Payment Settlement), кој го развива Банката на Италија за земјите од Западен Балкан, согласно одлуките на Европската централна банка.
Во моментов, Народната банка е фокусирана токму на воспоставување ваков систем, кој ќе овозможи побрзи, поефикасни и подостапни плаќања во реално време, со потенцијал за регионално поврзување со платните системи на земјите од Западен Балкан.
Воедно, напорите на Народната банка, со поддршка од Светската банка, за зачленување на земјава во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), веќе даваат конкретни резултати. Успешното вклучување на банките во шемата за кредитни трансфери на СЕПА придонесува за поевтинување, поголема брзина и транспарентност на прекуграничните плаќања во евра – и за граѓаните и за компаниите.
Ова беше истакнато на средбите меѓу гувернерот Славески и високите претставници на Светската банка – Антонела Басани и регионалната директорка за Западен Балкан, Шјаочјинг Ју, одржани во рамки на пролетните средби на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон.
На средбите беше нагласено дека Светската банка ќе продолжи со поддршката на Народната банка во повеќе клучни области: зајакнување на финансиската стабилност, унапредување на регулативата и супервизијата, развој на макропрудентни политики, модернизација на платните системи, управување со ризици, како и дигитализација и финансиска вклученост.
Во рамки на посетата, делегацијата на Народната банка учествува и на тркалезна маса со претставници на Светската банка, Банката на Италија и централните банки од регионот – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора. На состанокот се разгледуваат тековните активности и следните чекори за воспоставување на системот за инстант плаќања заснован на ТИПС.
Аналитика








