По 25. пат Охрид е домаќин на годишната конференција на Македонска берза. Од денес до 23 септември ќе се одржи еден од најзначајните финансиски настани во земјава, кој редовно привлекува стотици домашни и странски учесници од светот на финансиите и бизнисот.
На јубилејната конференција ќе се дискутира за развојот на пазарите на капитал, за финансирањето на растот и развојот на компаниите, за алтернативните извори на финансирање. Ќе се анализираат меѓународните искуства и најдобрите практики. Ќе се опфатат теми од банкарството, инвестирањето и финансиските институции, а ќе се зборува и за дигиталната трансформација, вештачката интелигенција и за новите финансиски технологии.
Воведни обраќања на конференцијата ќе имаат министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, претседателката на Комисијата за хартии од вредност, Бујаре Абази и главниот извршен директор на Македонска берза, Иван Штериев. Предвидени се и две панел дискусии. Првата насловена „Дали македонските компании сакаат капитал: Проект за поттикнување на пазарно финансирање на МБ и ЕБОР“ и втората – „Алтернативни извори на финансирање – искуства и перспективи“. Свои излагања ќе имаат повеќемина експерти, а специјален говор, како што е најавено ќе одржат Патрик Јанг, меѓународен експерт за финансиски пазари, стратег за развој на берзи и автор. На темата „Искуства на македонска blue-chip компанија“ ќе говори генералниот директор и претседател на Управниот одбор на Алкалоид, Живко Мукаетов.
Годишната конференција претставува платформа за поврзување, размена на знаења и искуства, порачуваат од Македонска берза. Оттаму наведуваат дека минатата година на овој настан учествувале 30-на говорници и панелисти, а присуствувале повеќе од 240 учесници.
Аналитика








