
Патување кое требало да биде авантура низ некои од најоддалечените острови во светот се претвори во вистински кошмар за патниците на експедицискиот брод MV Hondius. Наместо егзотични дестинации и спектакуларни пејзажи, патниците денови поминуваат затворени во своите кабини, додека медицински тимови во заштитни одела се грижат за заразените од хантавирус.
Досега, три лица починаа, а осум случаи се потврдени или се под сомнение дека се поврзани со заразата на холандскиот брод, кој со денови беше закотвен во близина на Зеленортските Острови. По четиридневно чекање, бродот конечно добил дозвола да исплови кон шпанскиот остров Тенерифе на Канарските Острови, каде што околу 150 патници и членови на екипажот треба да се симнат под медицински надзор.
Патниците, од кои дел се на бродот уште од 20 март, велат дека атмосферата се движи помеѓу страв и монотонија. Салоните се празни, палубите тивки, а деновите минуваат со читање, гледање филмови и бескрајно чекање информации за тоа што ќе се случува понатаму.
Компанијата „Oceanwide Expeditions“ воведе строги изолациски мерки, а патниците добиле инструкции да останат во кабините, да носат маски и редовно да поминуваат медицински контроли. Шведскиот доктор Мартин Криз, кој претходно работел на бродот, изјави дека условите во кабините се тесни, бидејќи четири лица делат мал простор, но според сведоштвата на патниците, ситуацијата засега останува мирна.
„Луѓето ја сфаќаат ситуацијата сериозно, но нема паника. Сите се обидуваат да држат дистанца и да носат маски“, изјавил патникот Касем Хато за Reuters.
На социјалните мрежи се појавија снимки од луксузниот, но празен ентериер на бродот, како и фотографии од медицински екипи кои доставуваат залихи со заштитна опрема. Контрастот е огромен во споредба со фотографиите што патниците ги споделувале претходно од Антарктикот и егзотичните предели низ кои минувале.
Американецот Џејк Росмарин привлече големо внимание откако на Instagram објави емотивно видео од својата кабина, зборувајќи за неизвесноста и стравот меѓу патниците. Подоцна, тој порача дека се чувствува добро и дека екипажот се грижи за нив.
Од друга страна, турскиот јутјубер Рухи Џенет, кој го напуштил бродот уште на 24 април на островот Света Елена, ја критикуваше реакцијата на екипажот. Според него, по првата смрт на 11 април патниците биле уверувани дека нема опасност од зараза, па продолжиле да се дружат и да јадат заедно.
„Со побрзи мерки за изолација, мислам дека ситуацијата можеше да биде ставена под контрола пред да се прошири“, изјави тој од Истанбул.
Компанијата, сепак, тврди дека капетанот постапувал според сите здравствени и безбедносни протоколи и дека информациите кои им биле давани на патниците биле точни во моментот кога биле споделени.
И покрај драматичната ситуација, некои патници велат дека атмосферата на бродот останува изненадувачки стабилна. Белгијката Хелен Гесарт изјави за белгискиот VRT дека екипажот и натаму обезбедува свежа храна и дека сите се обидуваат да останат смирени.
Аналитика








