Летниот одмор на францускиот Атлантик за десетици илјади луѓе преку ноќ се претвори во бегство пред огнената стихија. Туристите и жителите на полуостровот Кап Фере се евакуираат со бродови и по единствениот пат кон копното, додека пожарот што започна кај Саумос продолжува да се шири низ сувите борови шуми западно од Бордо.
Првичните информации говореа за повеќе од 10.000 евакуирани и околу 2.400 изгорени хектари, но состојбата брзо се влоши. Француските власти во петокот наредија целосна евакуација на Кап Фере, едно од најпознатите туристички места на брегот на Атлантикот. Според последните извештаи, огнот зафатил најмалку 8.700 хектари, а сè уште не бил ставен под контрола.
Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез соопшти дека изгорената површина надминала 10.000 хектари, додека околу 40.000 луѓе веќе биле евакуирани или добиле наредба да го напуштат полуостровот. Меѓу нив има голем број туристи сместени во кампови, викендички и изнајмени куќи.
Евакуацијата се спроведува по море од четири пристаништа, како и преку единствената патна врска со копното. Огнот се приближил до населени места и принудил на затворање повеќе патишта, а според објавените податоци изгореле и десетици куќи.
Во борбата со пламенот се вклучени околу 800 пожарникари и авиони за гаснење од воздух. Францускиот претседател Емануел Макрон го активираше Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија и побара меѓународна помош. Најавени се два канадери од Хрватска, два авиона од Португалија и тешки хеликоптери од Чешка и Словачка.
Состојбата дополнително ја отежнува втор голем пожар во близина на Бискарос, околу 40 километри јужно од Кап Фере. Таму изгореле околу 2.500 хектари, а евакуирани се повеќе од 23.000 луѓе, главно од кампови и туристички сместувања. Преместени биле и деца од летен камп и корисници на дом за стари лица.
Пожарот кај Саумос започна во средата и во текот на ноќта се ширел побрзо отколку што очекувале локалните власти. Високите температури, силниот ветер и долготрајната суша ја претворија шумската вегетација во лесно запалив материјал. Пожарникарите предупредуваат дека ситуацијата останува нестабилна и дека правецот на огнот може брзо да се промени.
Франција летово се соочува со повеќе последователни топлотни бранови и сериозен недостиг на вода. До петок во земјата гореле 32 пожари со различен интензитет, а вкупно биле опожарени околу 50.000 хектари – речиси четирипати повеќе отколку во истиот период минатата година.
Во Жиронд, каде летната сезона е во полн ек, приоритет веќе не е спасувањето на туристичката сезона, туку на луѓето и населбите. Додека бродовите ги изнесуваат последните туристи од полуостровот, пожарникарите се обидуваат да спречат огнот да стигне подлабоко во Кап Фере и во густо населените места околу заливот Аркашон.
Аналитика








