
Од ноември се менуваат платните налози, се воведуваат нови ознаки за целта на плаќањето, а платежните сметки ќе се користат во меѓународниот ИБАН-формат. Граѓаните и компаниите нема да мора да ги менуваат своите банкарски сметки, бидејќи нивните постојни броеви остануваат непроменети. Приспособувањето на електронското и мобилното банкарство ќе го направат самите банки, информира Македонската банкарска асоцијација (МБА).
Новите правила, чија примена започнува во текот на ноември, произлегуваат од Законот за платежни услуги и платни системи и подзаконските акти на Народната банка. Тие се дел од модернизацијата на националниот платен промет, со цел поедноставна и поефикасна обработка на платежните трансакции.
Што конкретно се менува за граѓаните и компаниите?
Најважната промена кај означувањето на платежните сметки е користењето на ИБАН-форматот. Тоа значи дека пред постојниот број на сметката ќе се додава ознаката МК07. Сепак, ова не подразбира отворање нова сметка, ниту промена на постојната. Банките ќе ги направат потребните технички приспособувања во своите електронски и мобилни банкарски услуги.
Промени ќе има и кај обрасците за плаќање. Досегашните платни налози ПП10, ПП30, ПП40, ПП50 и ПП53 ќе бидат заменети со нови, стандардизирани обрасци, кои ќе се користат и при плаќање на шалтер и преку електронските канали.
Дополнително, се менува начинот на означување на целта на плаќањето. Наместо досегашните нумерички шифри, ќе се користат нови четиризнаковни ознаки. Со ова треба да се овозможи попрецизно евидентирање на намената на трансакциите, како и подобра обработка и структурирање на платежните податоци.
За компаниите што користат сметководствени програми, автоматизирана размена на платни налози или други интегрирани системи, промените може да бараат дополнителни технички приспособувања. За потребните активности и начинот на усогласување тие ќе добијат информации од своите банки, во согласност со законските рокови и насоките на регулаторот.
Од Македонската банкарска асоцијација посочуваат дека банките веќе преземаат технички и организациски активности за воведување на новите стандарди, со цел преминот да се одвива непречено и без прекини во користењето на платежните услуги.
Промените треба да придонесат за поголема стандардизација на домашниот платен промет, поквалитетни податоци за трансакциите и поефикасно извршување на плаќањата.
МБА ги повикува граѓаните и компаниите навремено да ги следат известувањата од своите банки, каде што ќе бидат објавени практичните упатства за користењето на новите платни налози, ИБАН-форматот и ознаките за плаќање.
Аналитика








