ПОВЕЌЕ

    МЛАДИТЕ ЈА КРЕНАА ЕВРОПА НА НОЗЕ: Незадоволството се излеа од француските училишта до улиците на Тирана, Рим и Лисабон

    Време зa читање: 7 минути

    Франција влезе во нова и многу посериозна фаза од протестите што пред еден месец започнаа како бунт на средношколците поради недостиг од наставници, пренатрупани училници и лоши услови во училиштата. По викендот исполнет со судири, пожари и грабежи, министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез му ја понуди оставката на претседателот Емануел Макрон, но таа беше одбиена. Најмалку 2.400 лица се уапсени во последниот бран немири, а кризата што започна во училниците прерасна во поширок протест против скапотијата, ослабените јавни услуги и чувството дека животниот стандард се движи во погрешна насока.

    Нуњез ја понудил оставката преземајќи политичка одговорност за пропустите во проценката и справувањето со насилството, но Макрон побарал од него да остане на функцијата и да подготви нов пристап за одржување на јавниот ред. Француските власти признаa дека безбедносните служби го потцениле ризикот од мобилни групи кои се приклучиле кон демонстрациите и потоа учествувале во напади врз институции, продавници и полиција.

    Во најтешките инциденти беа нападнати или оштетени јавни згради во повеќе градови, а градското собрание во Лимож беше запалено. Властите на 17 октомври проценија дека на околу 110 собири низ Франција излегле најмалку 550.000 луѓе, додека синдикалните проценки одеа до околу 800.000. Поголемиот дел од протестите биле мирни, но Париз, Марсеј, Лион, Бордо и Лимож беа меѓу градовите во кои дојде до сериозни судири.

    ОД УЧЕНИЧКИ ПРОТЕСТ ДО СЕРИОЗНА КРИЗА

    Француските протести избувнаа во средината на септември како незадоволство на учениците во средните училишта во парискиот регион. Учениците бараа повеќе наставници и друг персонал, подобри училишни згради, помалку пренатрупани паралелки и поразумни распореди. Незадоволството потоа се прошири и на прашањата за високите температури во старите училишни објекти, нееднаквоста меѓу училиштата и системот за упис на факултет.

    Но, полицискиот одговор стана втора голема тема на протестите. До почетокот на октомври Министерството за образование евидентираше 190 повредени ученици, а посебно силна реакција предизвика случајот со 15-годишно момче кое ја загуби раката при експлозија на полициска граната во близина на училиште во Ленс. Беа отворени повеќе истраги за употребата на сила.

    До средината на октомври вкупниот број приведувања поврзани со ученичките мобилизации веќе надмина 6.600, при што голем дел од приведените беа малолетници. Истовремено, властите соопштуваа и за стотици повредени полицајци и вработени во училиштата. Тоа значи дека бројката од 2.400 приведени по последниот викенд не е вкупниот биланс од почетокот на протестите, туку последниот голем бран апсења.

    ФРАНЦУСКАТА ВЛАДА ДЕЛУМНО ПОПУШТИ, ПРОТЕСТИТЕ НЕ ЗАПРЕА

    Француската влада веќе направи неколку отстапки. Министерството за образование најави дополнителни наставници и замени за отсутниот кадар, приоритетна помош за најпроблематичните училишта и поширока консултација со учениците.

    Но ученичките организации оценија дека мерките не се доволни и најавија дека мобилизацијата ќе продолжи. Во протестите постепено се вклучија универзитетски студенти, синдикати и делови од движењето „Жолти елеци“, со што барањата се проширија од образованието кон платите, пензиите, јавните услуги и трошоците за живот.

    Француската влада, од своја страна, прави јасна разлика меѓу правото на протест и насилството. Макрон порача дека незадоволството мора да биде слушнато, но дека нападите врз институциите и грабежите не можат да се оправдаат со политички или социјални барања. Паралелно, критичарите на владата бараат одговорност за полициските интервенции и за сериозните повреди на малолетници.

    АЛБАНИЈА: СЕ БАРА ОСТАВКА НА РАМА, ИТАЛИЈА: NO MELONI DAY 

    Неколку стотици километри подалеку, во Албанија, младинските протести добија уште подиректна политичка димензија.

    Студентите првично излегоа на улиците поради лошите услови на универзитетите, трошоците за студирање, недоволната финансиска помош и слабите перспективи за работа по дипломирањето. Но протестите брзо се споија со поширокото незадоволство од корупцијата и со т.н. „Flamingo movement“, кое се противи и на спорниот туристички проект на албанското крајбрежје поврзан со инвестициската компанија на Џаред Кушнер.

    Протестите се проширија од Тирана кон Елбасан, Скадар, Корча и други градови. Во главниот град беа запалени и оштетени јавни објекти и банки, а полицијата употреби солзавец и водени топови.

    На третиот ден од немирите беше објавено дека 71 полицаец бил повреден, а стотици лица подоцна беа предмет на пријави или истраги.

    Премиерот Еди Рама ги отфрли барањата за оставка и предупреди дека насилството може да му наштети на европскиот пат на земјата.

    Европската комисија, пак, зазеде внимателно избалансирана позиција: го осуди палењето објекти, нападите врз институции и уништувањето јавен и приватен имот, но истовремено нагласи дека слободата на собирање и изразување се фундаментални европски права и дека полициската реакција мора да остане законска и пропорционална. Брисел побара конструктивен дијалог и почитување на процедурите за сите обвинети.

    Претходно, Делегацијата на ЕУ во Тирана побара да бидат истражени и наводите за прекумерна употреба на сила врз демонстранти и новинари.

    Францускиот пример најдиректно се прелеа во Италија .Италијанските студентски организации, кои директно се повикуваат на францускиот пример, веќе најавија и меѓународна студентска мобилизација на 20 ноември, што покажува дека протестната енергија се обидува да се пренесе преку националните граници.

    Прво започнаа окупации на училишта во Торино и Рим, при што студентските колективи отворено порачаа: „Да направиме како во Франција“. Потоа протестите прераснаа во национална мобилизација

    На 16 октомври, во рамките на таканаречениот „No Meloni Day“, ученици и студенти излегоа на улиците во Рим, Торино, Болоња, Падова, Венеција, Неапол, Каљари и други градови.

    Организаторите тврдеа дека учествувале повеќе од 400.000 млади, иако независна потврда на таа бројка нема. Главните пораки беа „Повеќе училници, помалку бомби“ и „Помалку оружје, повеќе права“.

    Зад тие слогани стојат неколку различни барања: поголеми инвестиции во образованието и училишната инфраструктура, противење на зголемените средства за воената индустрија, отпор кон владините политики за миграција и солидарност со француските ученици.

    Во Торино беа фрлани камења и јајца кон полицијата, а до тензии дојде и во Рим и Болоња. Премиерката Џорџа Мелони ги осуди насилните инциденти, додека ученичките организации нагласија дека протестите се насочени кон приоритетите на владината политика и состојбата во училиштата.

    ПОРТУГАЛИЈА: СТАНБЕНА КРИЗА И НИСКИ ПЛАТИ

    Во Португалија нема идентична ученичка побуна како во Франција, но младите се една од највидливите групи во протестите против станбената криза, ниските плати и трошоците за живот.

    На протестите во Лисабон, Порто и други градови, еден од највпечатливите транспаренти гласеше: „Сакам да се иселам од кај родителите пред да наполнам 50 години“.

    Демонстрантите велат дека комбинацијата од високи кирии, скапи станови, гориво и основни производи, во услови на плати кои не го следат растот на расходите, прави самостојниот живот недостижен за голем дел од младите.

    На 17 октомври протестите се проширија со поддршка на синдикатите и организациите за право на домување. Барањата веќе опфаќаат повисоки плати, подобри пензии, подобри јавни услуги и политики за подостапно домување.

    Ова не е прв протест на португалските студенти годинава. Уште во март тие бараа укинување или намалување на школарините, подостапно студентско домување и поголема социјална помош, предупредувајќи дека сиромашните семејства сè потешко можат да си дозволат високо образование.

    Поширокиот европски бран на незадоволство овие четири земји.

    Во Белгија средношколци протестираа против поскапувањето на образованието и реформите, а потоа протестите против трошоците за живот доведоа и до судири со полицијата во Брисел и Лиеж.

    Во Шпанија, станбената криза е главниот катализатор. Случајот со иселувањето на 87-годишната Марикармен Абаскал и нејзината последователна смрт стана симбол на незадоволството од високите кирии, недостигот на достапни станови и иселувањата. Португалските демонстранти отворено се повикуваа на шпанскиот пример.

    И покрај впечатокот што го оставаат снимките од улиците, не постои единствено координирано младинско движење на европско ниво. Сепак, економските показатели објаснуваат зошто различни локални проблеми толку лесно се поврзуваат.

    Според анализа на податоците на Eurostat, цените на храната и безалкохолните пијалаци во ЕУ во периодот август 2021 – август 2026 пораснале за околу 34%. Инфлацијата можеби се намалува, но тоа не значи дека цените се враќаат назад – тие само растат побавно. Истовремено, младите во големите градови се соочуваат со најсилниот притисок од станарините и цените на недвижностите.

    Токму затоа аналитичарите ја гледаат заедничката нишка во намалената економска сигурност и чувството дека институциите не реагираат доволно брзо. Младите сè почесто не протестираат само за тоа што го имаат денес, туку за стравот дека утрешниот живот – образование, работа, стан и основна економска независност – ќе биде потешко достижен од оној што го имале генерациите пред нив.

    (Фото: Париз, ученички протести, 17 октомври, Jorge Jaramillo – Own work, CC BY-SA 4.0)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично