ПОВЕЌЕ

    Народната банка ги унапредува статистичките капацитети – целосна усогласеност со највисокиот меѓународен стандард

    Време зa читање: 2 минути

    Народната банка постигнува целосна усогласеност со барањата на највисокиот меѓународен статистички стандард СДДС плус, во однос на опфатот и навременоста на податоците. Ова беше истакнато на средбата на гувернерот д-р Трајко Славески и делегацијата на Народната банка со претставници на Одделот за статистика на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), одржана на маргините на Годишните средби на ММФ и Светската банка во Бангкок.

    Во фокусот на разговорите беа досегашната соработка со ММФ, унапредувањето на статистичките и аналитичките капацитети, како и подготовките за примена на новите меѓународни стандарди.

    Особено внимание беше посветено на резултатите од големата ревизија на статистиката на платниот биланс и финансиските сметки, спроведена во текот на 2026 година. Со ревизијата се унапредени методолошката основа, споредливоста и аналитичката вредност на податоците, што овозможува поквалитетно следење и анализа на економските и финансиските текови.

    На средбата беа разгледани и активностите за дигитализација на статистичкото известување. Во таа насока, беше истакнат развојот на статистичкиот склад на податоци за надворешната статистика, реализиран со финансиска поддршка од Европската Унија.

    Како показател за напредокот, претставниците на Народната банка ги презентираа и резултатите од спроведените анкети меѓу корисниците на статистичките податоци и субјектите што доставуваат извештаи. Резултатите покажуваат високо ниво на задоволство и подобрување во однос на претходните анкети, особено во поглед на квалитетот и достапноста на податоците, како и комуникацијата и поддршката што ги обезбедува централната банка.

    Во наредниот период, активностите ќе бидат насочени кон подготовките за примена на новите меѓународни статистички стандарди СНА 2025 (SNA 2025) и БПМ7 (BPM7). Нивното воведување ќе се спроведува со поддршка од меѓународните институции, особено од ММФ, како и преку натамошно зајакнување на институционалните капацитети и соработката меѓу надлежните институции.

    Од Народната банка посочуваат дека остануваат посветени на подобрување на квалитетот, транспарентноста и навременоста на статистичките податоци, како и на нивното натамошно усогласување со меѓународните и европските стандарди.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично