ПОВЕЌЕ

    15.000 хотели против Booking.com: Спорот за провизиите прераснува во битка вредна милијарди евра

    Време зa читање: 5 минути

    Познатата онлајн платформа за туристичко сместување е соочена со колективна тужба од, ни помалку ни повеќе туку 15 илјади европски хотели. Колективната тужба против Booking.com деновиве влезе во нова фаза: регистрацијата за европските хотели е затворена, во постапката се вклучени повеќе од 15.000 хотели од над 30 земји, а вкупната вредност на побарувањата се проценува на повеќе милијарди евра. Во меѓувреме, судските постапки во Амстердам продолжуваат, а хотелските здруженија се обидуваат да обезбедат докази за тоа колкава штета навистина им била нанесена со долгогодишните клаузули за ценовен паритет.

    Постапката формално започна на крајот на јануари 2026 година пред Окружниот суд во Амстердам, каде што е европското седиште на Booking.com. Првата група опфаќаше околу 3.000 хотели, а во текот на годината Stichting Hotel Claims Alliance – SHCA – ја прошири тужбата со илјадници дополнителни објекти. Во јули беа додадени уште 7.696 хотели, со што бројот на формално опфатени хотели надмина 10.000, додека вкупно повеќе од 15.000 хотели се приклучија кон колективната акција.

    До октомври рокот за приклучување на европските хотели беше затворен, а организаторите сега очекуваат постапката да трае повеќе години. SHCA проценува дека случајот би можел да биде завршен во рок од најмногу пет години, иако конечната динамика ќе зависи и од процесните чекори на Booking.com.

    КОЛКАВА ОТШТЕТА БАРААТ ХОТЕЛИТЕ?

    Суштината на тужбата е во таканаречените клаузули за ценовен паритет што Booking.com ги користел од 2004 до 2024 година.

    Со нив хотелите биле ограничувани да нудат пониска цена на сопствените веб-страници или преку други канали отколку на Booking.com. Хотелиерите тврдат дека таквата практика ја намалила ценовната конкуренција, ја ослабнала директната продажба и овозможила платформата да наплатува повисоки провизии.

    SHCA проценува дека хотелите би можеле да бараат 30% или повеќе од вкупните провизии што ги платиле на Booking.com во периодот 2004–2024, плус камата. Точната сума треба да ја утврдат економски експерти преку споредбени пазарни модели. Организаторите на постапката зборуваат за вкупна вредност од неколку милијарди евра, а во август се појавија проценки дека европските антимонополски побарувања кон Booking.com веќе се приближуваат до 5 милијарди евра.

    Тоа, сепак, не значи дека хотелите автоматски ќе добијат толкава сума. Судот допрва треба да утврди дали и во колкав обем конкретните клаузули предизвикале финансиска штета и како таа ќе се пресметува за различни хотели и периоди.

    СУДОТ ЗА ПРАВДА НА ЕУ ВЕЌЕ ПРЕСУДИ ВО ПОЛЗА НА ХОТЕЛИТЕ

    Правната основа на тужбата значително се зацврсти по пресудата на Судот на правдата на Европската Унија од септември 2024 година, кој утврди дека широките и тесните клаузули за паритет на Booking.com го нарушуваат европското право за конкуренција.

    Во март 2026 година суд во Амстердам, во одделна постапка, пресуди и дека побарувањата за штета на хотелите не се застарени и дека спорните паритетни клаузули биле недозволени од аспект на конкуренцијата.

    Паралелно, во Германија продолжува посебна постапка на околу 1.700 хотели. Тамошен суд во декември претходно утврди дека Booking.com треба да надомести штета предизвикана од антиконкурентните клаузули. Иако таа пресуда не го решава автоматски паневропскиот спор, за хотелите претставува значаен правен преседан.

    Еден од поважните процесни моменти годинава беше обидот да се обезбедат податоци потребни за пресметка на штетата.

    SHCA успеа преку судска постапка да обезбеди пристап до дел од сметководствената документација на Booking.com, откако се појавил проблем со недостапни фактури и податоци за провизиите, особено за постарите години. Холандското хотелско здружение KHN потврди дека била преземена и мерка за обезбедување доказен материјал од сметководството на компанијата.

    Токму тие податоци може да бидат клучни за да се утврди дали хотелите навистина плаќале повисоки провизии поради ограничената конкуренција и колкава би била разликата во услови на слободно формирање на цените.

    БУКИНГ ГИ СМЕНИ ПРАВИЛАТА – ТУЖБАТА ОСТАНУВА

    Booking.com повеќе не смее да применува ценовен паритет на ист начин како порано.

    Компанијата од 2024 година е означена како gatekeeper според европскиот Digital Markets Act, а член 5(3) од DMA забранува платформите да ги спречуваат деловните корисници да нудат подобри услови преку други канали.

    Во септември 2026 година, по регулаторен дијалог со Европската комисија, Booking.com најави и дополнителни промени во своите комерцијални програми. Меѓу другото, надворешните цени повеќе нема да се користат како фактор при оценување дали хотелот може да учествува во програмата Booking Sponsored Benefit, а на хотелите ќе им се дава повеќе транспарентност за програмите Genius, Preferred и Preferred Plus. HOTREC – European Hospitality

    Но тоа не ја затвора сегашната тужба.

    Колективната постапка се однесува на штетата за која хотелите тврдат дека ја претрпеле во претходните две децении, кога правилата за паритет биле активни.

    Спорот се води и во услови на силна концентрација на европскиот пазар на онлајн туристички посредници.

    BOOKING.COM И EXPEDIA ГИ ДИКТИРААТ УСЛОВИТЕ ЗА ХОТЕЛИТЕ

    Најновата студија на HOTREC покажува дека Booking Holdings и Expedia Group заедно контролираат околу 85% од европскиот OTA-пазар, што дополнително ја објаснува чувствителноста на хотелите кон условите што ги поставуваат големите платформи.

    Токму тука е и поширокото значење на случајот. Не станува збор само за спор околу една клаузула во договорите, туку за прашањето колку слобода има еден хотел да ја определува сопствената цена кога голем дел од неговите гости пристигнуваат преку една доминантна платформа.

    Доколку хотелите успеат во постапката, Booking.com би можел да се соочи со обврска за исплата на милијарди евра, но и со преседан што би можел да влијае врз односите меѓу големите дигитални посредници и малите и средни компании низ Европа.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично