Европската Унија од 1 јули дополнително ги заострува правилата за меѓународниот патен транспорт. Новата регулатива ја проширува обврската за користење паметни тахографи и на дел од лесните комерцијални возила, со што под поголема контрола ќе бидат ставени работното време на возачите и движењето на возилата низ европските земји.
Досега тахографите беа задолжителни главно за товарни возила над 3,5 тони, но од следниот месец правилата ќе важат и за лесни комерцијални возила и комбиња со максимална дозволена тежина од 2,5 до 3,5 тони, доколку вршат меѓународен превоз на стока или каботажни операции во рамките на Европската Унија.
Станува збор за новата генерација паметни тахографи (G2V2), кои автоматски ќе евидентираат повеќе податоци поврзани со транспортната активност. Освен работното време и активностите на возачот, уредите ќе ги бележат и преминувањата на државните граници, како и местата на товарење и истовар на стоката.
Целта на новите правила е да се обезбеди поефикасна контрола на условите за работа на возачите, подобро следење на транспортните операции и намалување на можностите за злоупотреби во меѓународниот транспортен сектор.
Сепак, европската регулатива предвидува и одредени исклучоци. Од обврската се ослободени возила што се користат за превоз на материјали до градилишта и за работа на самите градилишта, доколку се движат во радиус до 100 километри. Исклучоци важат и за одредени некомерцијални активности, како и за транспорт на рачно изработени производи под посебно утврдени услови.
Новите правила нема да се применуваат само во земјите членки на ЕУ. Истите ќе важат и во Швајцарија, Норвешка, Исланд, Лихтенштајн и Велика Британија. Од друга страна, државите кои се дел од меѓународниот договор AETR за регулирање на работното време на возачите во меѓународниот патен сообраќај засега не се опфатени со оваа обврска.
Со оваа мерка Брисел продолжува со постепеното проширување на системот за дигитален надзор во транспортот, кој започна да се воведува во 2023 година и кој постепено опфаќа сè поголем број категории возила што учествуваат во меѓународниот превоз на стоки.
(Фото: Unsplash)
Аналитика








