ПОВЕЌЕ

    НОВИОТ ЗАКОН ДОНЕСЕ ПОДОБРУВАЊЕ – Зајакнатите процедури за финансиските друштва во интерес на граѓаните

    Време зa читање: 5 минути

    По само една година од примената на Измените на Законот за финансиски друштва донесени во јули 2023 година, кај финансиските друштва веќе се евидентни првите резултати: намален раст на вкупните средства, консолидација на пазарот, подигнување на стандардите во работењетои поголема транспарентност на услугите и цените што ги нудат друштвата. Со измените на законската регулатива регулаторот, Министерството за финансии, формулираше правна рамка која ќе обезбеди подобра регулираност на овој дел од финансискиот пазар и поголема заштита на корисниците на кредитите, односно клиентите на финансиските друштва.

    Измените на законското решение придонесоа за зајакнување на регулаторните барања и подигнување на стандардите за финансиските друштва. Тие предвидуваат 30 милиони денари или близу половина милион евра почетен капитал што треба да го поседува финасиското друштво, што е петпати повеќе од претходно. Освен тоа, услов е тие пари да не се обезбедени од заеми или од кредити. Ова резултираше во консолидација на пазарот, при што во индустријата преовладуваат само финансиски друштва кои ги исполнуваат строгите критериуми за квалитет поставени од регулаторот, Министерството за финансии. Така, пред усвојувањето на измените на законската регулатива во Македонија функционираа 36 финансиски друштва. Според регистерот на Министерството за финансии, кој е регулатор на работењето на финансиските друштва, сега работат 28 финансиски друштва и тоа: десет во Скопје, три во Битола, две во Прилеп и по едно во Струмица, Охрид, Радовиш, Кавадарци и Тетово.

    Податоците на Народната банка (НБРСМ) укажуваат дека во второто тримесечје од 2024 година, вкупните средства на финансиските друштва оствариле квартален раст од 2,4%, што соодветствува со вкупниот раст на останатите финансиските институции во финансискиот систем на Македонија, кои пораснале за 2,3%. Дека измените на законската регулатива влијаеа во правец на затегнување на процедурите и следствено намалување на издадени кредити од страна на финансиските друштва, покажува споредбата со периодот пред воведувањето на новите законски одредби. На почетокот од 2023 година, односно во првиот квартал растот на средствата изнесувал 6,4%. Во вториот квартал растот бил 5,5%, а по донесувањето на измените на законската регулатива веднаш има значителен пад на 3,3% и тој пад на растот се задржува и во вториот квартал на 2024 и изнесува 2,4%. Од финансиските друштва укажуваат дека интерес за кредити и понатаму има, но сега се одобруваат според нови зајакнати процедури и правила. Всушност, друштвата и понатаму имаат и клиенти и заработка, но многу помалку од претходно, за што говорат и официјалните статистики.

    Најголемиот дел од промена на вкупните средства на финансиските друштва се должи на побарувањата кои произлегуваат од одобрените и исплатените кредити. На крајот од првото полугодие се работи за износ од 10,125 милијарди денари или 164,6 милиони евра. Според НБРСМ, зголемени се за 0,2% на квартална и за 17,1% на годишна основа. Притоа, треба да се посочи и на разликата – во вториот квартал од 2023 година кредитите одобрени од финансиските друштва имале раст за 599 милиони денари (9,7 милиони евра), а во истиот период годинава – 273 милиони денари (4,4 милиони евра).

    Со законските одредби донесени во јули 2023 година и со Правилникот за заштита на граѓаните од подигање кредити од финансиско друштво на нивно име од трети лица, се воспостави ред и измамите се сведени на минимум. Освен тоа, се случуваа и измами со личните податоци, за што имаше бројни пријави во МВР. По стапувањето во сила на новиот Закон и тоа скоро да го  нема.

    Исто така, на финансиските друштва им е забрането да одобруваат заеми на лицата кои не се кредитоспособни. Или, мора да ја проценат нивната кредитна способност врз база на релевантни податоци. Воедно, има и ограничување на ДСТИ – што значи нема кредит ако месечните обврски на барателот надминуваат 70 проценти од месечните приходи. Нивото на задолжување на секој поединечен клиент, утврдено во Правилникот за кредитен ризик, ќе помогне не само на населението, туку и на финансиските друштва во остварување на здрав и квалитетен раст. Намалениот степен на ризик и намалените трошоци за исправка на вредност на ризичните пласмани ќе резултираат во постабилен развој и подобар статус на финансиските друштва. Додека ограничувањата на вкупните трошоци, воведени од страна на регулаторот пред повеќе од една година, ќе го намалуваат профитот на друштвата, се очекува намалениот трошок за ризични пласмани да ги намали расходите на друштвото и да ги одржи во здрава финансиска кондиција на пазарот.

    Финансиските друштва се првите кои започнаа со воведување на нови технологии во финансискиот свет во нашата земја и ги поставија основите на финтек индустријата. Во изминатиот период се соочија и се уште се соочуваат со големи предизвици и чести промени. Простор за унапредување на правилата и процедурите по кои работат финансиските друштва имало и секогаш ќе има. Министерствотo за финансии активно работи на поставување здрава основа за развој на оваа финтек индустрија како и на поттикнување на одговорното кредитирање, заштита на клиентите, подобрување на бизнис условите на пазарот, усогласување со глобалните стандарди, како и подобрување на видливоста и репутацијата на небанкарските финансиски институции.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично