ПОВЕЌЕ

    Новиот мост меѓу Русија и Северна Кореја – економска инфраструктура или воена логистика?

    Време зa читање: 5 минути

    Русија и Северна Кореја го завршуваат својот прв патен мост што директно ќе ги поврзе двете земји, инфраструктурен проект што официјално треба да ја зголеми трговијата и туризмот, но според украински истражувачи, може да има многу позначајна – воена и логистичка улога.

    Мостот преку реката Тумен ги поврзува руски Хасан и севернокорејски Туманганг и се гради веднаш до постојниот Мост на пријателството, кој досега беше единствената директна копнена врска меѓу двете земји.

    Според „Гардијан“, кој се повикува на истражување на украинската организација за човекови права „Truth Hounds“, новата патна врска може да им овозможи на Москва и Пјонгјанг полесно да транспортираат војници, оружје и воена опрема, а притоа да го намалат ризикот од откривање преку сателитско набљудување.

    Од „Truth Hounds“ оценуваат дека патниот сообраќај има значајна предност во однос на железничкиот кога станува збор за прикривање на товарот.

    „Врз основа на видот на железничкиот вагон често може да се заклучи каков товар се превезува. Некои видови товар се превезуваат во отворени вагони и може да се идентификуваат на сателитски снимки. Камионите, од друга страна, на снимките речиси секогаш изгледаат исто“, изјавил Назар Михун, кој го предводел истражувањето на „Truth Hounds“, за „Гардијан“.

    Според Михун, камионите можат да се товарaт на различни локации, додека железничкиот транспорт е концентриран на ограничен број станици и терминали, што ги прави полесни за следење.

    Москва и Пјонгјанг зборуваат за трговија и туризам

    Русија и Северна Кореја официјално го претставуваат мостот како економски проект. Рускиот министер за транспорт Андреј Никитин изјавил дека новата инфраструктура ќе ја зголеми трговската размена, ќе ја подобри логистиката, ќе ги зајакне културните врски и ќе придонесе за развој на пограничните области.

    И севернокорејската државна новинска агенција КЦНА го претставува мостот како проект што ќе ги олесни патувањата, туризмот и трговската размена.

    Но, економската оправданост на проектот е предмет на сомнежи.

    Според „Гардијан“, повикувајќи се на истражувањето на „Truth Hounds“, изградбата чини повеќе од 100 милиони долари, додека трговската размена меѓу Русија и Северна Кореја во 2024 година изнесувала околу 34 милиони долари. Истиот податок за трговијата го наведува и јужнокорејскиот КБС, повикувајќи се на руски извори.

    Токму оваа разлика меѓу вредноста на инфраструктурниот проект и релативно малата трговска размена е еден од аргументите на истражувачите дека мостот има поширока стратешка намена.

    Прва патна врска меѓу двете земји

    Мостот е долг околу 850 метри до еден километар и има две сообраќајни ленти. Тој ќе биде првата патна врска меѓу Русија и Северна Кореја.

    Двете земји во април годинава одржаа церемонија со која беше означено поврзувањето на двете страни од мостот. Тогаш руската амбасада во Пјонгјанг најави дека проектот треба да биде завршен до средината на јуни.

    Сепак, отворањето беше одложено. Американскиот институт „38 North“ во јуни објави дека мостот изгледа завршен, но руските царински и придружни објекти сè уште не биле подготвени за почеток на сообраќајот.

    Мостот е особено значаен поради различната ширина на железничките пруги во двете земји, што го отежнува железничкиот транспорт. Патниот транспорт нема такво ограничување.

    Дополнително, сателитските снимки покажуваат изградба на инфраструктура на руската страна, вклучително и хелиодром, што според истражувачите дополнително ја зголемува стратешката вредност на новиот коридор.

    Воената соработка на високо ниво

    Изградбата на мостот се одвива во период на продлабочување на воената соработка меѓу Русија и Северна Кореја. Владимир Путин и Ким Џонг-ун во јуни 2024 година потпишаа договор за сеопфатно стратешко партнерство, кој вклучува и клаузула за меѓусебна воена помош. Оттогаш Северна Кореја ѝ испрати на Русија војници, артилериска муниција и балистички ракети за поддршка на војната против Украина.

    Според „Ројтерс“, Северна Кореја од 2024 година испратила околу 14.000 до 15.000 војници во руската Курска област. Околу 9.500 од нив, според истиот извор, сè уште се наоѓаат во Русија.

    Украинскиот претседател Володимир Зеленски во јули изјави дека Русија се подготвува за пристигнување на уште 30.000 севернокорејски војници. „Ројтерс“ тогаш објави дека Украина проценува оти Москва подготвува дополнително зајакнување на севернокорејското воено присуство.

    Во меѓувреме, соработката продолжува да се шири. Според најнови информации на „Ројтерс“ од 6 август, Северна Кореја испраќа и ракетна единица во Русија. Станува збор за околу 90 припадници, а украинската воена разузнавачка служба проценува дека единицата може да располага со до 120 балистички ракети и шест лансери.

    Во таков контекст, „Truth Hounds“ смета дека новата патна врска може да стане важен логистички коридор меѓу двете земји. Според истражувањето пренесено од „Гардијан“, во едната насока преку мостот би можеле да се транспортираат севернокорејски војници, воени претставници, градежни работници и воена опрема, додека во спротивната насока би можеле да се движат руска технологија, опрема и други ресурси.

    „Соработката меѓу Русија и Северна Кореја ја следиме многу внимателно бидејќи станува збор за еден од клучните фактори што влијаат врз руските воени способности во војната против Украина“, изјавил Михун за „Гардијан“.

    Тој оценува дека продлабочувањето на односите меѓу Москва и Пјонгјанг ја олеснува размената на оружје и воена технологија, истовремено намалувајќи ја можноста за меѓународен надзор.

    Токму затоа, иако Русија и Северна Кореја мостот го претставуваат како економска и туристичка инфраструктура, неговото завршување доаѓа во момент кога нивната воена соработка е на највисоко ниво во последните децении.

    Дополнително, според „Ројтерс“, Северна Кореја веќе испорачала милиони артилериски гранати и балистички ракети на Русија, а нејзиното директно воено присуство на руска територија продолжува да се зголемува.

    Поради тоа, новиот мост не е само нова патна врска меѓу две соседни држави. За Москва и Пјонгјанг тој е потенцијално важен транспортен коридор, додека за Украина и западните земји претставува уште еден знак дека военото партнерство меѓу Русија и Северна Кореја станува сè подлабоко и поорганизирано.

    (Фото: Wikimedia Commons, By TowerCard, CC BY-SA 3.0)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично