ПОВЕЌЕ

    Шпанија ги проверува пасошите, националноста и визите на патниците што доаѓаат од Италија

    Време зa читање: 2 минути

    Шпанија од денес стартуваше со мерката за привремени гранични контроли на патниците кои пристигнуваат од Италија, откако италијанската премиерка Џорџа Мелони одби да ги укине сличните мерки што Рим ги воведе по масовниот прилив на мигранти во шпанската енклава Сеута.

    Засилените проверки ќе траат до 7 септември, а ќе се спроведуваат на воздушните и поморските врски од Италија. Ќе се проверуваат пасошите, националноста и визите на патниците. Шпанската влада мерката ја оправда со „постојаниот притисок од нерегуларната миграција“.

    Мерката е директен одговор на одлуката на Рим да воведе контроли за дел од патниците кои пристигнуваат од Шпанија. Со тоа, спорот меѓу двете членки на ЕУ прерасна во конкретни ограничувања на слободното движење во Шенгенскиот простор.

    Мадрид претходно побара Италија да ги укине контролите, но владата на Мелони го одби барањето и соопшти дека мерките ќе останат најмалку до 15 август. Италијанската влада порача дека „не прифаќа ултиматуми или наметнувања од странство“ и дека одлуката ќе ја преиспита кога ќе бидат елиминирани безбедносните ризици и опасноста од нов миграциски бран.

    Италија ги воведе своите контроли по миграцискиот бран во Сеута, каде што на 30 јули околу 72 илјади лица пристигнале од Мароко. Според шпанските власти, огромното мнозинство потоа се вратиле во Мароко.

    Рим, кој нема копнена граница со Шпанија, ги оправда контролите со националната безбедност и со можноста мигранти кои пристигнале во Сеута да продолжат кон други делови на Европа. Мадрид, пак, го отфрла ова образложение и тврди дека нема докази дека мигрантите од Сеута планирале да патуваат кон Италија.

    Спорот се случува во услови на сериозна хуманитарна ситуација во Сеута. Според „Ел Паис“, повеќе од 1.300 малолетници сè уште се наоѓаат во енклавата, откако масовниот прилив го оптовари локалниот систем за згрижување.

    Со возвратните мерки на Мадрид, спорот меѓу Шпанија и Италија веќе не е само политичко несогласување околу миграцијата, туку директно се одразува врз функционирањето на слободното движење меѓу две земји од Шенгенскиот простор.

    (Фото: By Rakoon – Own workсеута, CC0, Wikimedia Commons)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично