„ПАРИ“ АНАЛИЗА | Отчукува часовникот до објавувањето на новата цена на струјата. Но, овој пат, освен евтината и скапа тарифа за домаќинствата, ќе има и блок тарифи според кои тие што помалку трошат ќе плаќаат и пониски цени за киловат-час, а оние што се поголеми „трошаџии“ ќе плаќаат по повисоки цени. Регулаторната комисија за енергетика попушти под притисокот на јавноста, вклучувајќи ја и експертската, која негодуваше на опфатот на блок-тарифите, со образложени дека и оние со просечна потрошувачка ќе влезат во поскапа тарифа. Конечната верзија е дека од 1 јули ќе има 4 тарифи, кои ќе важат само во високата тарифа, додека во ниската тарифа, позната како евтина, која е од 22 часот до 7 часот, како и цел ден во недела, нема блок тарифи. Првата блок тарифа е до 210 киловати потрошени во високата тарифа за 30 дена, втората блок тарифа е до 630 киловати, а третата до 1.050 киловати. Но во која тарифа, каква цена ќе има, како што велат од Регулаторната комисија за енергетииа, мора да се почека официјалниот ценовник кој ќе биде објавен денеска.
Каква ќе биде цената струјата, зависи од кондицијата на енергетските капацитети. Засега се знае дека ЕСМ на тендер ја понуди струјата по цена од 48 евра за мегават-час, за покривање на 100 проценти од потребите на универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“ кој со струја ги снабдува домаќинствата и малите потрошувачи. Оваа цена ќе важи од 1 јули до 31 декември, и таа е повисока за 17 проценти од цената во првото полугодие од годинава. Во креирањето на цената на електричната енергија, најголемо учество, од околу 40 отсто, има домашното производство на струјата кое е во надлежност на Елактрани на Северна Македонија (ЕСМ). Во формирањето на крајната цена влегуваат и трошоците на „ЕВН хоум“ и “Електродистрибуција“ – фирми од групацијата „ЕВН Македонија“, како и на државните компании – Националниот оператор на пазарот на електрична енергија (МЕМО) и Македонски електропреносен систем оператор (МЕПСО).
Порталот „Пари“ во соработка со БизнисМрежа.мк, анализираше какви резултати испорачале овие компнии во текот на минатата година.
Финансиски резултати на компаниите кои учествуваат во формирањето на цената на струјата
(во евра)
Компанија | Приход 2021 | Приход 2021/2020 | Добивка/Загуба 2021 | Добивка/ Загуба 2020 |
---|---|---|---|---|
АД ЕСМ | 259.400.000 | +32,8% | -28.000.000 | - 16.800.000 |
ЕВН хоум | 335.800.000 | + 21,1% | - 703.000 | - 12.000.000 |
Електродистрибуција | 166.500.000 | + 8,7 % | -39.800.000 | +4.550.000 |
МЕПСО | 132.300.000 | +142% | 943.000 | -5.800.000 |
МЕМО | 45.600.000 | + 2,7% | 303.700 | + 200.000 |
Поразителен е податокот според кој државната компанија ЕСМ го продлабочила минусот така што од загуба од 16,8 милиони евра во 2020 година, влегла во загуба од дури 28 милиони евра во 2021 година! Во 2022 година пак, зачекоревме во голема енергетска криза, но не поради недостиг на електична енергија, туку поради високите цени. ЕСМ драматично го зголеми производстото, купуваше јаглен за РЕК Битола и РЕК Осломеј, а во услови на лоша тековна ликвидност се вбризгнуваа пари од државата.
Втор најголем играч во формирањето на цената на струјата, со околу една третина учество, има компанијата која е надлежна за дистрибуција на електричната енергија Електродистрибуција. Но, и таму има катастрофален финансиски резултат. Минатата година оваа компанија ја завршила со загуба од 39,8 милиони евра! Во 2020 година била во плус од 4,5 милиони евра.
Универзалниот снабдувач со струја, „ЕВН хоум“ има маржа од 10,47 проценти утврдена на тендер за период од 5 години. Оваа компанија лани значително ја намалила загубата, но сепак била во загуба. Загубата на „ЕВН хоум“ во 2021 година била околу 700.000 евра, а во 2020 била дури 12 милиони евра.
Македонскиот електропреносен систем оператор (МЕПСО) има мало учество во формирањето на цената на струјата, 3-4%. Компанијата лани била во добивка од 943.000 евра, откако во 2020-та влезе во загуба и тоа од 5,8 милиони евра.
Со мало учество во цената на струјата влегува и Националниот оператор на пазарот на електрична енергија кој го организира и управува пазарот на електрична енергија. Тој ланската година ја завршил со добивка од 300.000 евра.
Редакција Пари