ПОВЕЌЕ

    Намалените нарачки од Германија ја турнаа Мода во загуба

    Време зa читање: 2 минути

    Намалената побарувачка од германскиот пазар негативно се одрази врз работењето на конфекциската компанија Мода од Свети Николе. Во првата половина од годинава компанијата произведе и извезе значително помалку облека, а поради стеснетиот обем на работа 45 вработени се прогласени за технолошки вишок, за што добиле отпремнина од речиси 9,8 милиони денари.

    Во периодот јануари–јуни Мода произвела и извезла 252.164 конфекциски производи во вредност од 1,35 милиони евра. Споредено со истиот лански период, кај производството е регистриран пад од 32 отсто. Девизниот прилив, пак, е намален за 31 отсто.

    Главната причина за неповолните движења компанијата ја лоцира во осипувањето на работната сила. Во првите шест месеци биле реализирани 156.984 работни часа, што е за 36 отсто помалку отколку во истиот период минатата година. И покрај тоа, продуктивноста е подобрена – девизниот прилив по работен час достигнал 8,59 евра, што е за 4,6 насто повеќе на годишно ниво.

    „Заради намалениот обем на побарувачката од странство, искористени се дури 21 ден од годишниот одмор за 2026 година, што е за 9 дена повеќе од истиот период на минатата година“, наведуваат од Мода.

    Приходите од редовното работење достигнале 114,5 милиони денари, или за 16,6 отсто помалку од лани. Истовремено, расходите се намалени за 13,6 отсто и изнесуваат 124,4 милиони денари. Сепак, тоа не било доволно за да се избегне оперативната загуба од 9,8 милиони денари.

    Капитална добивка од 17,7 милиони денари компанијата остварила од продажба на деловен објект. Во текот на годината се инвестирани 13.350 евра во движен и недвижен имот, не е исплатена дивиденда и како што се нагласува, Мода нема кредитни задолжувања, бидејќи целокупниот имот е во нејзина сопственост.

    И покрај слабите финансиски резултати, се посочува дека друштвото ги надминало зацртаните планови. Реализираните работни часови се за 3 насто над планот, производството е повисоко за 10 насто, а извозот за 8,2 насто. Од компанијата очекуваат втората половина од годината да биде подобра.

    Сепак, се посочува дека најголемиот ризик за работењето останува германската компанија Kasamoda, која е и мнозински сопственик на Мода. Негативните економски движења во Германија директно се прелеваат врз нарачките и работењето на македонската фабрика, а дополнителен предизвик претставува и намалената конкурентност поради растот на платите.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично