ПОВЕЌЕ

    НАДВОРЕШНИОТ ДОЛГ 11,07 МИЛИЈАРДИ ЕВРА, ЗА ДЕВЕТ МЕСЕЦИ НАДГРАДЕН СО 282 МИЛИОНИ евра

    Време зa читање: 4 минути

    Надворешниот долг на државата во бруто-износ е 11.072 милионa евра, што претставува 78,3 проценти од проектираниот БДП за 2023 година. Состојбата е забележана на крајот од третото тримесечје, при што има квартално намалување од 323 милиони евра. Воедно, кај бруто надворешните побарувања е евидентиран пад од 155 милиони евра и се на нивото од 6.918 милиони евра или 48,9 проценти од проектираниот БДП.

    Од Народната банка посочуваат дека поголемото квартално намалување на обврските во однос на побарувањата „доведе до намалување на нето надворешниот долг за 168 милиони евра, со што на крајот на септември 2023 година тој изнесува 4.154 милиони евра (или 29,4% од проектираниот БДП)“. А, пак, осипувањето на нето надворешниот долг во третиот квартал произлегува од намалувањето на приватниот нето-долг за 128 милиони евра и на јавниот нето-долг за 40 милиони евра, се наведува во извештајот за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција.

    Негативната нето меѓународна инвестициска позиција на крајот од септември изнесува 8.318 милиони евра, односно 58,8 проценти од октомвриската проекција на БДП за 2023. Најголемиот дел – 86 отсто се нето-обврски врз основа на директни инвестиции. Меѓу нив, 72 отсто се врз основа на сопственички капитал.

    За бруто надворешен долг од 11,07 милијарди евра, каде што кварталното намалување е за 2,8 проценти, се вели: „Доколку од долгот се исклучи ефектот од специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка, бруто-долгот бележи квартално намалување од 385 милиони евра. Оваа квартална промена е резултат на намалениот јавен долг (за 370 милиони евра) и намалениот приватен долг (за 15 милиони евра)“.

    Притоа, се образложува дека кварталното минусирање на тие 370 милиони евра е резултат од намалувањето на долгот на секторот „држава“ за 389 милиони евра, но во услови кога се зголемил долгот на јавните банки и на јавните претпријатија за 14 милиони евра и на централната банка за четири милиони евра. Падот, пак, на приватниот долг се должи на „намалениот долг на приватните банки (за 104 милиони евра), при зголемување на обврските на капитално поврзаните субјекти (за 53 милиони евра) и на небанкарскиот приватен сектор (за 35 милиони евра)“.

    Инаку, споредено со крајот на 2022, бруто надворешниот долг е повисок за 282 милиони евра или за 2,6 насто.

    Кварталното намалување кај бруто надворешните побарувања е за 2,2 проценти. Произлегува од намалените јавни побарувања за 294 милиони евра, при раст на приватните побарувања за 113 милиони евра. Во однос на крајот од 2022, бруто надворешните побарувања се повисоки за 440 милиони евра.

    Нето износот на надворешниот долг забележан на 30 септември 2023 е 4.154 милиони евра, што претставува 29,4 проценти од проектираниот БДП. Овде, според податоците на Народната банка, има квартален пад од од 3,9 отсто или конкретно – за 168 милиони евра. Па, се посочува дека од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 61 процент. Инаку, во однос на крајот од 2022, нето надворешниот долг е намален за 158 милиони евра (3,7%).

    Извесно подобрување има во соодносот меѓу финансиските обврски и финансиските побарувања, каде што во случајот на државата првите, вообичаено, преовладуваат.

    „Во текот на третиот квартал од 2023 година негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е намалена за 46 милиони евра и изнесува 8.318 милиони евра, што претставува 58,8% од проектираниот БДП за 2023 година“, пишува во извештајот на Народната банка. Воедно, се додава дека споредено со крајот на 2022, негативната МИП е зголемена за 170 милиони евра.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично