Под слоганот „Домувањето е право, а не бизнис“, илјадници луѓе денеска излегоа на улиците на Мадрид за да побараат попристапни услови за живот, додека во таа земја расте незадоволството поради високите цени за изнајмување станови, пренесува Ројтерс.
„Шпанците не можат да живеат во своите градови. Не избркаат од градовите. Владата мора да ги регулира цените и пазарот на недвижности“, рече една од учесниците на протестот, триесет и тригодишната медицинска сестра Бланка Прието.
Шпанската влада во јули најави мерки против краткорочните и сезонските изнајмувања и планира да ги истражи рекламите на платформи како Airbnb и Booking.com за да провери дали имаат лиценци.
Шпанските власти се обидуваат да најдат начини за усогласување на промоцијата на туризмот, кој е клучниот двигател на домашната економија, со решавање на проблемот со неразумно високите кирии, кои се резултат на пренасочувањето на сопствениците на имотот кон попрофитабилни туристички изнајмувања.
На одвоен протест во Барселона против одржувањето на едриличарската трка на Купот на Америка, демонстрантите го обвинија тој меѓународен спортски настан за зголемувањето на цените за изнајмување и доаѓањето на уште повеќе туристи во и онака пренаселениот град.
Протести на почетокот на оваа година организираа и жителите на Канарските Острови и Малага, кои укажаа дека зголемената преориентација на сопствениците на недвижности кон туристичко сместување ги принудува сезонските работници во угостителската индустрија да спијат во камп приколки или дури и во автомобили, поради високите кирии во туристичките центри.