ПОВЕЌЕ

    38 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ПОВЛАСТЕНИ ТАРИФИ – Ете толку лани државата им платила на производителите на обновливи извори на енергија

    Време зa читање: 4 минути

    Во 2021 година 206 производни капацитети на електрична енергија од обновливи извори биле под режимот „Повластени производители“, а во 2022 година им стигнале 38 милиони евра од државата за испорачаните 393.483.920 киловат-часови електрична енергија. Просечната цена на електричната енергија произведена од повластените производители изнесува 97 EUR/MWh и е за 5 евра пониска споредено со реализираната просечна цена за 2021 година, пишува во Извештајот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за 2022 година.

    Производството на струја од обновливи извори на енергија постојано се поврзува со имиња на луѓе на високи функции, сѐ до самиот врв – премиерот Димитар Ковачевски. Во бизнисот се споменува и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а најчесто  „дежурно“ име во овој бизнис беше поранешниот вицепремиер за економски прашања, успешниот бизнисмен Кочо Анѓушев.

    Во повластеното тарифирање биле хидроцентрали, фотоволтаици, ветерници, и биогасни централи. Така, на списокот се наоѓаат 100 хидроцентрали, кои испорачале 231.653.077 киловат-часови електрична енергија во 2021 година, и во 2022 година од државата добиле 18,2 милиони евра. Од фотоволтаични системи, 101 на број, произведени се 22.310.832 киловат-часови и исплатени се 4,6 милиони евра. За ветерниците во Богданци, кои произвеле 107.655.750 киловат-часови електрична енергија, платени се 9,6 милиони евра. Биоцентралите произвеле 31.864.261 киловат-часови струја и добиле 5,7 милиони евра.

    Исплатени средства за произведената електрична енергија од повластени производители во 2022 година (евра без ДДВ)

    Тип централаИнсталирана моќност (Kw)Произведена струја во 2021 год. (kw/h)Вкупно евра без ДДВ
    Хидроцентрали89.552231.653.07718,2 милиони
    Фотоволтаични централи16.66522.310.832 4,6 милиони
    Ветерници36.800107.655.7509,5 милиони
    Биогасни централи 7.59931.864.2615,7 милиони
    Вкупно 150.616393.483.92038 милиони

    Извор: Регулаторна комисија за енергетика

    Повластената тарифа, како мерка за поддршка на производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија, е воведена во 2007 година, додека првите електроцентрали, кои произведената електрична енергија ја продаваат по повластени тарифи, започнуваат со работа во 2010 година. Со Законот за енергетика од 2018 година, покрај повластената тарифа, се воведува и премијата како мерка за поддршка. Премија претставува дополнителен износ над цената што ја остварил повластениот производител со продажбата на произведената електрична енергија на пазарот на електрична енергија. Повластениот производител што користи премија се избира преку тендерска постапка со аукција што ја спроведува Министерството за економија.

    СЕ НАМАЛУВА БРОЈОТ НА КОРИСНИЦИ НА ПОВЛАСТЕНАТА ТАРИФА

    Трендот на намалување на бројот на повластени производители, кој започна во 2021 година, продолжи и во 2022 година, забележува РКЕ. Така, годинава има 172 корисници на повластена тарифа, за разлика од 2021 година, кога ги имало 206.

    „Од 624 домашни производители на електрична енергија, 616 користат обновливи извори на енергија, од нив 172 користат повластена тарифа, 21 користат премија, додека 423 електроцентрали не користат мерки за поддршка на производството на електрична енергија“, пишува во Извештајот.

    Причината за намалување на корисниците на повластената тарифа во текот на оваа година, Регулаторната комисија ја гледа во нивната ориентација кон слободниот пазар, каде што очигледно оцениле дека им е поисплатливо.

    „Ако причина за намалување на бројот на повластени производители во 2021 година беше пуштањето на само една нова електроцентрала што користи повластена тарифа и губењето на повластен статус на две електроцентрали, во 2022 година до Регулаторната комисија за енергетика беа поднесени 35 барања за престанување на статусот на повластен производител, а со тоа нивно преминување на слободниот пазар на електрична енергија. Заклучно со 31 декември 2022 година, вкупната инсталирана моќност на повластените производители изнесува 134.661 kW, што претставува намалување од 13.591 kW во споредба со 2021 година“, информира регулаторот.

    УЧЕСТВУВААТ СО 7 ОТСТО ВО ПРОИЗВЕДЕНАТА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА

    Учеството на повластените производители коишто користат повластени тарифи во вкупниот инсталиран капацитет од обновливи извори на енергија изнесува 14 %, додека во вкупниот инсталиран капацитет во Македонија изнесува 6 %. Повластените производители што користат повластени тарифи учествуваат со приближно 7 % во произведената електрична енергија од домашни производители, додека во делот на производството од обновливите извори повластените производители учествуваат со 24 %.

    На повластените производители што користат повластена тарифа им е загарантирана тарифата за секој kWh произведена електрична енергија по која операторот на пазар на електрична енергија е должен да ја откупи целата електрична енергија, произведена од повластените производители, во период од 15 до 20 години, во зависност од видот на електроцентралата. Придобивка за повластените производители што користат повластена тарифа е и тоа што операторот на пазарот на електрична енергија ја презема балансната одговорност за овие производители.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично