ПОВЕЌЕ

    Барале автобуси за превоз на 76 патници, ќе купат за 66 – ЦГК за тендерот од 60 милиони евра

    Време зa читање: 4 минути

    автобусиНовите 150 електрични автобуси што треба да се набават за јавниот превоз ќе имаат вкупен капацитет од 66 патници – 20 места помалку од последно купените автобуси на Град Скопје и дури 30 помалку од автобусите донирани од Европската Унија. Тендерот тежок 60 милиони евра е спроведуван трипати во период од 15 месеци, а компаниите што во една од постапките биле конкуренти, во последната настапиле заедно и ја добиле набавката.

    Ова се дел од наодите во новото истражување „Јавен надзор над јавните набавки: Студии на случај – издание бр. 3“, што денес го објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК). Во него се анализирани тендерите за 150 електрични автобуси, за изградбата на спортската сала „Џексон“ во Штип и за фудбалското игралиште во Чегране.

    По двата поништени, третиот тендер за електричните автобуси е успешен. Според ЦГК, унгарскиот „Икарус Електрик Зрт“ и кинескиот „Зонгтонг Бас Холдинг“ во вториот тендер настапувале како конкуренти, а во третиот поднеле заедничка понуда, и таа е избрана за најповолна.

    Како подизведувач во победничката понуда се јавува и ЕВН Македонија, за набавка на станиците за полнење, кои треба да ги произведува „Сангроу Дојчланд“, подружница на кинеската Sungrow Power Supply.

    Вредноста на набавката изнесува 60 милиони евра, од кои 57 милиони евра се за автобусите, а три милиони евра за станиците за полнење.

    ЦГК посочува и дека победничката понуда не била најниската, туку била избрана откако две поевтини понуди биле отфрлени.

    Во текот на трите постапки се менувале не само учесниците, туку и самите услови на тендерот. Во првата постапка била планирана набавка на 120 електрични автобуси и 60 станици за полнење, додека во следните две бројката била зголемена на 150 автобуси и 75 станици.

    Се менувал и бараниот капацитет на автобусите. Првично било предвидено да можат да превезуваат 76 патници, а во вториот и третиот тендер минималниот капацитет е намален на 66 патници. Изменети се и описот на вратите и начинот на нивното отворање.

    Промени имало и кај техничките спецификации. Бараната моќност на моторот од 240/140 kW била зголемена на 300/160 kW, додека моќноста на приклучокот за полнење била намалена од 150 на 120 kW.

    Во третиот тендер условот за европска хомологација бил дополнет со формулацијата „или еквивалентно“, без прецизно да се наведе што се подразбира под еквивалентна хомологација. Според ЦГК, Министерството за транспорт не ги доставило побараните документи од кои би можело да се утврди дали автобусите ќе имаат европска хомологација или друг стандард прифатен како еквивалентен.

    Од ЦГК наведуваат и дека Министерството не ја доставило анализата врз основа на која била подготвена тендерската документација, ниту образложение за причините поради кои условите се менувале меѓу постапките.

    Според оценката на ЦГК, ваквиот недостиг од информации ја ограничува можноста да се провери оправданоста на промените во тендер вреден 60 милиони евра.

    Исто така, се наведува и дека тендерските услови не биле усогласени со целите од Планот за раст со ЕУ, каде се предвидува намалување на примената на критериумот „најниска цена“ и на електронските аукции.

    ЦГК посочува и дека во ниту една од трите постапки не бил применет членот 27 од Законот за јавните набавки кој, според насоките на Бирото за јавни набавки, овозможува ограничување на учеството на фирми од земји што не се потписнички на Спогодбата за јавни набавки на Светската трговска организација или не ги отвориле своите пазари за јавни набавки под реципрочни услови.

    Комбинацијата од повторување на тендерот, промени во условите, променлив состав на понудувачите и недостигот на образложение за правените промени во описот на автобусите и полначите создава зголемен ризик од фаворизирање и ограничување на конкуренцијата, што ги доведува во прашање начелата на конкуренција, еднаков третман и транспарентност од членот 3 од Законот за јавните набавки, истакнуваат од ЦГК.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично