Колку кафеави мечки има на македонските планини – наскоро за првпат би можело да се дојде до попрецизен одговор. Во септември започна националниот генетски мониторинг на овој строго заштитен вид, со што ќе се утврдува не само бројот на мечките, туку и каде се движат и колку е разновидна нивната популација.
Истражувањето го спроведува Македонското еколошко друштво (МЕД) во партнерствомеч со Министерството за животна средина и просторно планирање, како дел од петгодишниот меѓународен проект „Зачувување на популацијата на кафеава мечка во Динарско-пиндскиот масив“.
Во Македонија мониторингот ќе се одвива во западниот дел од земјата – од Скопска Црна Гора и Шар Планина, преку планинските подрачја кон југ, до Пелистер, Ниџе и Кожуф. Планот е до крајот на годинава да бидат собрани 900 генетски примероци.
Методот е едноставен, но може да даде многу повеќе информации од класичното набљудување. Наместо мечките да се фаќаат или вознемируваат, истражувачите ќе го собираат она што тие го оставаат зад себе.
„Генетскиот мониторинг претставува неинвазивно собирање генетски примероци од материјал што животните го оставаат во околината. Во случајот со мечката, ќе собираме примероци од измет од кои потоа ќе го читаме генотипот на секоја единка како своевиден генетски ‘отпечаток од прст‘. Така, секогаш кога подоцна ќе најдеме измет од истото животно, ќе знаеме дека му припаѓа нему, па може да го препознаеме дури и откако ќе угине“, објаснува Александар Стојанов, координатор на проектот во МЕД.
Токму затоа, во собирањето примероци ќе бидат вклучени луѓето кои најчесто престојуваат во планинските и шумските подрачја. Шумари, ренџери, ловочувари и ловџии, но и собирачи на печурки, шумски плодови и лековити растенија, планинари, велосипедисти и други љубители на природата ќе минуваат низ обуки за да можат правилно да препознаат и соберат примерок.
Македонската популација е дел од пошироката динарско-пиндска популација на кафеавата мечка, која се протега од Алпите до Егејското Море. Со околу 4.000 единки, оваа популација се смета за најголема во Европа.
Генетичкото истражување затоа нема да биде само броење мечки. Од примероците ќе може да се утврди дали едо исто животно е регистрирано повеќе пати, каде се движи, колку е распространета популацијата и каква е нејзината генетска разновидност.
Податоците треба да послужат како основа за идните мерки за заштита и управување со видот, особено затоа што кафеавата мечка во земјава е строго заштитена.
„Како надлежен државен орган за заштита и зачувување на биолошката разновидност, Министерството за животна средина и просторно планирање останува посветено во мисијата да ја заштити и соодветно да управува со популацијата на кафеавата мечка. Долгорочната заштита на видот и неговите живеалишта бара и координација со релевантните институции и засегнати страни, поради што на самиот почеток на септември одржавме состанок со претставници на релевантните национални институции, каде што ги претставивме методологијата, планираните активности и временската рамка, како и начинот на спроведување на генетскиот мониторинг во следниот период. Токму тој ќе ни даде основа за натамошното планирање и спроведување конзерваторски мерки при управувањето со популацијата на овој животински вид“, велат од Министерството.
Проектот не застанува само на генетското броење. Една од главните цели е да се создадат подобри механизми за управување со популацијата и да се намалат конфликтите меѓу мечките и луѓето. Зашто, односот меѓу човекот и мечката, заедно со уништувањето и нарушувањето на природните живеалишта, се издвојува како една од најсериозните закани за долгорочниот опстанок на популацијата.
Во меѓународниот проект, финансиран преку програмата LIFE на Европската Унија, се вклучени 21 партнер од девет европски земји. Генетското пребројување во Македонија е еден од чекорите со кои треба да се добие појасна слика за тоа колку мечки навистина има во нашите планини – и како да се обезбеди да ги има и во иднина.
(Фото: Илустрација генерирана со вештачка интелигенција)
Аналитика








