Официјалниот пазар на Македонска берза минатата година забележа голем интерес од инвеститорите, со краен исход – вкупен промет од 6.898.517.099 денари и во евра – 112,17 милиони, со 22.789 реализирани трансакции. Во овие достигнувања не се вклучени резултатите од реализираните блок-трансакции, чиј удел е исто така висок. Во топ 10 најатрактивни се акциите на четири банки, на две фармацевтски куќи, на компании што се занимаваат со снабдување и дистрибуција на горива, со телекомуникации, хотелиерство… Без неочекувани пресврти и промени во врвот – Комерцијална банка, „Алкалоид“…
Со вкупен промет од 2.413.156.404 денари (39,2 милиони евра), Комерцијална банка е убедливо најтргуваната акција за 2024 година. На пазарот беа истргувани 116.833 акции, а просечната цена изнесуваше 20.654,75 денари. Бројот на трансакции достигна 8.243, што ја потврдува високата доверба на инвеститорите во оваа акција.
Стабилното работење и традиционално високите резултати на „Алкалоид“ ја позиционираат акцијата на второто место. Просечната вредност за 2024 изнесува 22.376,45 денари. Со вкупно истргуваните 59.170 акции преку 4.442 трансакции остварен е годишен промет од 1.324.014.476 денари (21,5 милиони евра).
Во текот на минатата година имаше откуп на сопствени акции, а и грчки ЕЛ.П.ЕТ преку вложувањата ги зацврсти и онака доминантните позиции во „Окта“. Во јули изби на првото место како најтргувана, а за целата 2024 акцијата на оваа компанија го зазеде третото место со промет од 713.290.330 денари (11,59 милиони евра). Просечната цена изнесуваше 5.907,31 денар, со истргувани 120.747 акции низ 547 трансакции.
Уште една банкарска акција меѓу најтргуваните, издадена од НЛБ Банка. Реализирани се 2.199 трансакции со 15.164 акции и просечни 38.863,89 денари. Направен е промет од 589.331.960 денари (9,58 милиони евра).
Без големи осцилации, акцијата на „Макпетрол“ е редовна во првата петорка. Остварувањата на годишно ниво се промет од 455.185.272 денари (7,4 милиони евра), 1.224 трансакции и истргувани 5.780 акции. Просечната вредност на акцијата е 78.751,78 денари.
Меѓу најдобрите, односно најтргуваните се и акциите на „Македонијатурист“ за кои во втората половина од годината имаше особена побарувачка, како и на „Реплек“, кои по последната ревизија на МБИ10 станаа составен елемент на индексот. Инвеститорите покажаа значителен интерес и кон акциите на Стопанска банка Скопје и на „Македонски телеком“. Веројатно најголемиот пробив лани го направи акцијата на Стопанска банка Битола, која во август се вброи меѓу најтргуваните пет и таму остана три месеци по ред. Во берзанската статистика, во неколку наврати влезе и како една од акциите со постигнат најголем раст на просечната цена.
М.А.