ПОВЕЌЕ

    На 1 септември ќе има учебници за сите ученици

    Време зa читање: 3 минути

    Трета година по ред, Владата и Министерството за образование и наука обезбедуваат навремена набавка и испорака на учебници за сите ученици. Оваа година процесот е започнат уште порано во споредба со минатите две години, а неспоредлив е со претходните седум на поранешната Влада кога, верувам, ќе се сетите дека во одредени години немаше воопшто печатени учебници.

    Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, при денешната посета на ОУ „Љубен Лапе“ во Аеродром, каде што со премиерот Христијан Мицкоски и со директорот на Педагошката служба во МОН, Роберт Аџипетров, ги претставија новите печатени учебници и заедно со градоначалникот Дејан Митески извршија увид во реконструктивни активности на училишниот објект.

    „Ценам дека конечно имаме стабилен систем за набавка и испорака на учебници и ова прашање кое го наследивме нерешено, е веќе апсолвирано. Одзеде време, но моравме да го надминеме како и секој друг проблем кој го затекнавме. Како Влада и министерство продолжуваме да се занимаваме со други аспекти на образованието во насока на подигнување на квалитетот на воспитно – образовниот процес“, рече Јаневска.

    Министерката посочи дека годинава беа организирани обуки за училишните служби за правилно пополнување на електронската апликација за порачување на учебници и училиштата одлично го завршија својот дел.

    Целосно нови комплети на учебници од прво до трето одделение во тираж од околу 250 илјади примероци беа набавени и испорачани уште во текот на април. При нивната набавка во период од две години заштедени се околу 45 милиони денари, како резултат на постигнати пониски цени при печатењето.

    „Во следните неколку денови ќе започне и испораката на учебниците од четврто и погорните одделенија во основно и средно образование. Нарачките се направени, учебниците се печатат по сите предмети, вклучително и оние по сите странски јазици кои ги немаше години наназад, а од лани ги има. Исклучок ќе бидат учебниците за деветто одделение и за трета година средно, бидејќи во овие одделенија согласно етапниот план за реформирање на образовниот систем, предвидено е следната година да се изработуваат нови наставни програми и аналогно на тоа и нови учебници“, рече Јаневска.

    Директорот на Педагошката служба, Аџипетров, информираше дека оваа година службите имаат најголем поврат на средства по основ на оштетени или изгубени учебници, што значи профункционира механизмот за подигнување на одговорноста.

    Сите печатени учебници се достапни и во електронски формат на платформата e-ucebnici.mon.gov.mk.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично