Граѓаните понудиле, а менувачниците во Македонија лани откупиле девизи во вредност од над 2,2 милијарди евра, што е речиси исто како и во 2024 година. Продажбата на странска валута се зголемила, а јули и август се најударните месеци за девизниот пазар.
Генералната слика ја сочинуваат 265 правни лица – 253 трговски друштва и 12 банки што имаат дозвола за вршење менувачки работи.
Иако и е доминантен, откупот стагнира, а продажбата расте. Според податоците на Народната банка, застапени во анализата на Пари, износот на купените девизи од 2,205 милијарди евра е за 1,8 милиони евра или 0,08 насто понизок од претходната 2024 година.
Од друга страна, продажбата на девизи достигнала 571,5 милиони евра. Годишната разлика од 41,6 милиони евра е претставена со раст од 7,84 насто.
Како резултат на побрзиот раст на продажбата во однос на откупот, нето-разликата меѓу купените и продадените девизи се стеснила од 1,677 милијарди евра во 2024 година на 1,634 милијарди евра во 2025 година. Намалувањето изнесува 43,4 милиони евра или 2,6 насто.

НАЈГОЛЕМ ПРОМЕТ ИМА ВО ЈУЛИ И АВГУСТ
Традиционално, менувачкиот промет кулминира во екот на летната сезона. Со доаѓањето на иселениците, со бројните патувања и туристичките бранови, расте и готовинскиот девизен промет. Лани во јули бил остварен промет од 316,2 милиони евра, а во август од 270,9 милиони евра.
Во споредба со 2024 година, нивото е задржано: менувачниците го заокружиле јули со 315,1 милион евра, а август со 274,6 милиони евра.
И во двете години се издвојува уште по еден месец, како трет по висината на прометот. Лани тоа бил декември со 261,2 милиони евра, а преклани октомври со 239,8 милиони евра.

Кај структурата на откупените девизи, месечното поклопување е целосно. Во 2025 година најмногу девизи менувачите купиле во јули – 262,3 милиони евра, во август – 221,5 милиони и во октомври – 200,1 милион евра.
Истите три месеци се на врвот и во 2024 година: во јули бил регистриран откуп од 264,6 милиони, во август 230,2 милиони евра, а во октомври 196,1 милион евра.
Оттаму, може да се каже дека резултатите од работењето не се засноваат на еднократни или случајни движења. Летните месеци и почетокот на есента се период кога во менувачниците се слеваат најголеми количини странска валута.

БАНКИТЕ ПРОДАЛЕ ПОМАЛКУ ГОТОВИ ДЕВИЗИ
Што се однесува до овластените банки, податоците покажуваат благо намалување на продажбата на странска ефектива преку менувачкото работење, кое не отстапува многу од прагот поставен во 2024 година.
Конкретно, во текот на минатата година банките продале девизна готовина во вредност од 1,529 милијарди евра, што е за 8,3 милиони евра помалку од 2024 година и тогашната продажба од 1,537 милијарди евра.
Кај странските чекови, пак, нивото на раст е минимално. Годишната разлика се мери со околу 0,58 милиони евра.

Специјализираните менувачници се најдостапниот канал за брза купопродажба на девизи без сложени процедури. Зад секојдневната размена на денари, евра, долари и други валути стои разгранета мрежа од менувачи и банки, преку која годишно минуваат милијарди евра.

М.А.
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








