ПОВЕЌЕ

    МАКЕДОНСКИТЕ ТОП-10 ВЕЛЕДРОГЕРИИ: Кој владее во трговијата со лекови и медицински средства?

    Време зa читање: 5 минути

    Веледрогериите претставуваат клучен сегмент во македонскиот фармацевтски сектор, со важна улога во снабдувањето на аптеките и болниците со лекови и медицински материјали, средства и апаратура. Овие компании се мостот меѓу производителите и крајните корисници, обезбедувајќи континуирано снабдување со квалитетни и безбедни производи.

    Домашните веледрогерии како Зегин, Македонијалек и Еуро-Фарм се меѓу водечките во оваа област, со значителни приходи и широк спектар на производи. Особено се издвојува Зегин. Има највисоки приходи и е најголем работодавец, па се смета за лидер во индустријата. Од друга страна, Д-р Пановски е компанија со највисока профитабилност, што ја позиционира како една од најуспешните во однос на ефикасноста.

    Анализата на податоците за десетте компании бизнис-лидери во категоријата трговија на големо со фармацевтски производи, што порталот Пари ја направи во соработка со БизнисМрежа.мк, покажува значителни разлики во добивката, приходите и бројот на вработени. Тоа, пак, дава јасен преглед на тоа кој доминира во овој сектор.

    НЕМА ДОБИВКА ПОД МИЛИОН ЕВРА

    Три компании покажуваат значителна профитабилност во споредба со останатите.

    Врвот на листата според добивка за 2023 година му припаѓа на Акционерското друштво за производство на лекови, медицинска опрема и материјал, промет и услуги Д-р Пановски АД Скопје. Со остварените 167.494.679 денари (2,7 милиони евра) компанијата е најпрофитабилна меѓу десетте во ова друштво, и покрај тоа што не е најголема по приходи.

    Со разлика во нијанси кај профитот следуваат две друштва ‒ за медицинско снабдување увоз-извоз Реплек АД Скопје, и за трговија и услуги Галинос Фарм ДОО Илинден. Првата компанија има добивка од 158.327.905 денари, а втората од 158.301.105 денари. И во двата случаи се работи за профит од над 2,5 милиони евра.

    Значаен удел имаат уште две скопски друштва ‒ за производство, трговија и услуги Синерџи Медикал ДОО експорт-импорт, и за промет и услуги Биотек ДОО експорт-импорт. И тие се важни играчи со добивки од над 100 милиони денари.

    Во втората половина од табелата се позиционирани компаниите со помали профити, но сепак доволно високи за влез во првата десетка, чија вкупна, односно заедничка добивка брои над 19,2 милиони евра.

    Интересно е што во овој состав на најпрофитабилните го нема Зегин.

    Извор: Бизнис Мрежа

    НИТУ ПРИХОДИ ПОД 15 МИЛИОНИ ЕВРА

    Затоа, пак, кога се анализираат приходите, веднаш е забележливо дека Зегин остварува значајна предност со обезбедените 5.659.124.803 денари (92 милиони евра). Тоа се однесува и на фирмите кои се зад неа, но не до толку за да ѝ дишат во врат.

    Седмопласирано на претходната листа, Друштво за промет Македонијалек ДОО Скопје според приливите е на второ место. Во таа графа е запишан износ од 4.383.219.970 денари (71,2 милиони евра). На трето место е единствениот претставник од Битола – Еуро-Фарм, со 3.406.649.586 денари (речиси 55,4 милиони евра).

    Всушност, ниедна од рангираните компании не е со приливи пониски од 17 милиони евра. Или, кога се зборува за останатите од оваа листа, се мисли на веледрогериите чии приходи се движат во распон од една до над три милијарди денари.

    На нивните сметки имало доток од вкупно 445,59 милиони евра.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ДЕСЕТ ФИРМИ – 964 ВРАБОТЕНИ

    Износите што ја отсликуваат успешноста на работењето се дело на вработените, чија бројна застапеност во компаниите ѝ дава уште една димензија на анализата. И во овој сегмент се истакнува Зегин, каде што се ангажирани 236 лица, што упатува на потребата од голем оперативен капацитет за да се поддржат високите приходи.

    Со 158 вработени на оваа листа, второто место го зазема стариот и добро познат Македонијалек. И, со него завршуваат фирмите со повеќе од сто вработени.

    На третата позиција е Друштвото за трговија, производство и услуги Феникс Фарма ДООЕЛ Скопје, каде што работните обврски ги извршуваат 94 лица. Тоа е за еден повеќе од Еуро-Фарм.

    Другите компании што се на оваа листа имаат од 46 до 77 вработени. А, во сите десет платата ја заработуваат вкупно 964 лица, што од своја страна упатува на фактот дека овие компании не само што генерираат високи приходи, туку и обезбедуваат солиден број на работни места.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Текстот го подготви Маја Анастасова, новинар од редакцијата на порталот Пари, наменски за настанот Бизнис Лидер

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    МАКЕДОНИЈА ИМА МОЌНА ФАРМАЦЕВТСКА ИНДУСТРИЈА – Бројки и факти

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично