ПОВЕЌЕ

    АПИС: Новиот закон ќе затвори легални, а ќе отвори нелегални играчници

    Време зa читање: 4 минути

    Новиот Закон за игри на среќа е дискриминаторски и го крши државниот Устав од аспект на слободата на пазарот и претрприемништвото. Со него, властите ширум ги отвораат вратите за игрите на црно, по подруми и без контрола – реагираат од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа – АПИС.

    „Одговорно тврдиме дека новиот изгласан Закон за игри на среќа и забавни игри содржи одредби кои се во спротивност со темелните вредности, но и со членот 55 од македонскиот Устав со кој уставотворците предвиделе гаранции за слободата на пазарот и претприемништвото. Доколку предлагачите на законот навистина сметаа дека игрите на среќа се штетни по здравјето на луѓето, тогаш тоа мораше прво да го докажат во соодветна правосудна постапка, а потоа целосно да ги забранат. Вака, со дистанцирање 500 метри од училишта се прави противуставна дискриминација, и тоа на урбанистичка околност која не е фиксна“, се нагласува во соопштението на АПИС.

    Според нив, законското решение носи најстроги правила во споредба со важечките во регионот. Освен тоа, на засегнатата страна воопшто не ѝ била дадена можност да даде придонес во креирањето на регулативата, со што би се избегнала опасноста од затворање на повеќе илјади работни места:

    „Новиот Закон за игри на среќа беше предложен набрзина, не беше закачен на ЕНЕР и затоа стопанските комори, асоцијациите и здружението на вработените, кои се првата линија на спроведување на актуелниот закон, кој патем е еден од најстрогите во регионот и пошироко, им беше ускратено правото активно да дадат свој придонес во насока на создавање одржлива и спроведлива регулатива по европски и светски стандарди.

    Истовремено, мнозинството пратеници одлучија дека 10 илјади вработени во секторот игри на среќа и нивните семејства во наредните две години постепено ќе остануваат без работа и ќе мора да иселуваат од Македонија“.

    Од АПИС повторно предупредуваат и на штетите што ќе се рефлектираат во државната каса:

    „Министерството за финансии како овластен предлагач на Законот за игри на среќа и забавни игри свесно или несвесно изрази подготвеност да ризикува потенцијални астрономски отштети со бранењето на уставно спорната дистанца од 500 метри на објектите за игри на среќа од училиштата, која освен што е дискриминаторска, е неизводлива на терен и затоа ќе предизвика затворање на легалните објекти за игри на среќа.

    Надлежните институции треба да и соопштат на јавноста дека свесно и со умисла се откажуваат од повеќе од 350 милиони евра годишни приходи во централниот Буџет од легалните игри на среќа. Колку за илустрација, тоа е повеќе од 6 проценти од приходите планирани во предлог Буџетот за 2026 година“.

    Јавноста, велат од АПИС, треба да знае дека противуставните измени ќе предизвикаат масовна појава на нелегални играчници, како што тоа беше некогаш:

    „Извршната и законодавната власт треба да ѝ укажат на јавноста дека со изгласувањето на овие противуставни и дискриминаторски законски одредби широко отвораат врата за игри на среќа на црно, кои ќе се одвиваат во подруми, без контрола на државата, каде младината навистина ќе биде загрозена. Граѓаните сѐ уште ја паметат аферата ‘Детонатор’ од 2011 кога беа запленети 1.500 покер апарати поставени на црно.

    Ние сме сигурни дека нашите предвидувања ќе се остварат. Не случајно во Албанија, тамошната Влада се откажа од четиригодишната забрана за игри на среќа. Нема држава во која се спровеле радикални чекори за затворање на легалните објекти за игри на среќа кои по автоматизам не предизвикале отворање на игри на црно“.

    Воедно, од АПИС најавуваат дека застанат во заштита на легалната дејност и на вработените:

    „Кога веќе институциите немаат слух за забелешките на асоцијациите, здружението на вработени и апелот на сериозните странски инвеститори во секторот игри на среќа, тогаш наша должност е да ги заштитиме нашите вработени, правната сигурност и уставно загарантирани економски права“.

    (Фото: Magnific)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично