ПОВЕЌЕ

    Лови опасна риба и заработи: Грција плаќа 5,33 евра за секој килограм улов

    Време зa читање: 2 минути

    Она што до вчера беше несакан улов, отсега ќе стане извор на заработка за грчките рибари. Владата во Атина одлучи финансиски да го стимулира ловот на инвазивната тапоглава пуферска риба, позната како „лагоцефалус“, која во последните години сè повеќе го загрозува морскиот екосистем и рибниот фонд во Егејското Море.

    Грчкото Министерство за земјоделство објави дека ќе исплаќа 5,33 евра за секој килограм уловена риба, преку пилот-програма чија цел е да се намали бројноста на овој опасен вид.

    Мерката прво ќе се применува во јужниот дел на Егејското Море и на Крит, а за неа се обезбедени до 1,5 милиони евра од европски фондови. Програмата ќе се спроведува преку регионалните власти, кои ќе ги определат пристаништата каде што рибарите ќе го предаваат и мерат уловот.

    Покрај исплатата за уловената риба, државата ќе ги покрие и сите трошоци за нејзино складирање, транспорт и уништување, вклучително и набавката на специјални замрзнувачи и отстранувањето со согорување.

    Во ист пакет мерки Владата најави и привремени субвенции за гориво за професионалните рибари. За април и мај ќе се исплаќаат 0,16 евра по литар, а за јуни 0,12 евра по литар, со цел да се намалат трошоците за работа.

    Сепак, новата мерка не беше пречекана со едногласно одобрување. Програмата ќе важи само за одредени региони, што предизвика незадоволство кај рибарите од останатите делови на Грција, кои сметаат дека неправедно се изоставени. Според локалните медиуми, дел од претставниците на рибарскиот сектор дури го напуштиле состанокот со Министерството во знак на протест.

    Инвазивната тапоглава пуферска риба е сериозен проблем во источниот Медитеран. Освен што ја нарушува рамнотежата во морскиот екосистем и ги уништува рибарските мрежи, овој вид е и отровен, па не смее да се користи за исхрана.

    Со финансиските стимулации, грчките власти се надеваат дека ќе го намалат бројот на овие риби, ќе ги заштитат домашните видови и истовремено ќе им обезбедат дополнителен приход на професионалните рибари.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично