ПОВЕЌЕ

    КРАДАТ СТРУЈА ЗА 100 МИЛИОНИ ЕВРА ГОДИШНО, СИТЕ ЈА ПЛАЌАМЕ и никој ништо не им може

    Време зa читање: 4 минути

    Околу 5% од испорачаната електричната енергија се краде! Овој поразителен податок, за „Пари“ го откриваат од ЕВН. Оттаму велат дека нивните пресметки покажуваат дека  по пазарни цени, на годишно ниво, се краде струја за повеќе од 100 милиони евра!

    Она што е катастрофално е што тоа на некој начин сите го плаќаме. На ЕВН Електродистрибуција, во одреден процент, Регулаторната комисија за енергетика и ги признава овие кражби како дел од такнаречените технички загуби и тој признат тршок влегува во цената на струјата. Но, дури и непризнатите загуби, на индиректен начи ги засегаат сите, затоа што тоа се пари кој некој ги украл, кој не може да се инвестираат во енергетскиот сектор од страна на компанијата.

    Со енергетската криза и со значителниот раст на цените на берзите, признатите комерцијални загуби (кражби) се пресметуваа и по тие огромни берзански цени затоа што Електродуистрибуција така ги плати, и тој износ влезе во цената. Од ЕВН објаснуваат дека во 2022 година, во јануари и февруари струјата за покривање на загубите беше набавена на отворен пазар по цена од 280 евра за MWh. Од март до декември годинава, струјата за таа намена ќе се набавува од ЕСМ по цена од 150 евра за Mwh. Всушност, со максимално мобилизирање од страна на надлежните за да се стават во функција сите производствени капацитети на ЕСМ, се донесе одлука со домашно, поевтино производство да се покријат технички загуби во системот, во кој влегуваат и кражбите. Така, наместо да се дадат овие киловати на стопанството по пониска цена, кое секојдневно алармира за скапата струја што ја плаќа на отворениот пазар, тие се трошат за покривање на кражбите.

    Од ЕВН велат дека „најпроблематични региони каде што не постојат услови за работа и спроведување на проекти за намалување на загуби се: Арачиново, Грчец, Сарај, Крушопек, Сингелиќ, Серава и Студеничани“.

    – Има и други региони со помалку детектирани кражби, но мерките и активности за сузбивање на кражбите еднакво важат за сите – потенцираат од компанијата.

    ВО АРАЧИНОВО ЧЕСТО ИМА ФИЗИЧКИ НАПАДИ НАД ВРАБОТЕНИТЕ ОД ЕВН

    Во јавноста излегоа фрапантни бројки за кражбите на струја во скопската населба Арачиново. Загубите по трафостаниците се движат од 56,1% до 96,1%. Од ЕВН за „Пари“ отворено велат дека ова е место кае што не можат да се справат со крадците и дека во битката немаат доволна поддршка ниту од локалната власт, ниту од МВР.

    – Нема безбедност за вршење на редовно работни активности, вработените постојано се соочуваат со вербални, а често и со физички напади. Постојано има оштетување на опрема, алармите се оштетени во сите ормари. Обидите од општинските власти не овозможија решавање на проблемот и нормални услови за работа на терен и нема секогаш доволно поддршка од страна на МВР – велат од ЕВН.

    ОД 2006-ТА ПРЕПОЛОВЕНИ ЗАГУБИ

    Од 2006 година, од ЕВН велат дека успелале да ги намалат вкупните загуби за речиси 50% , и дека таа битка се уште ја војуваат, но секаде немаат услови за тоа.

    – ЕВН континуирано спроведува успешни проекти за намалување на загуби, но само во деловите каде што постојат услови. Многу успешни проекти имаме спроведено и се уште се спроведуваат во Кумановско-Липковскиот регион, Тетово, Гостивар, Струга, Прилеп. Во дел од овие населени места, проблемот е решен со помош на општинските власти и непопречување на активностите во реконструкција на мрежата  од страна на мештаните. Такви позитивни примери се проектите во Липково, Велешта, Чегрене, Градец, Желино, Селце и други. Со дислокација на броилата кражбите се сведени на минимум, а граѓаните добија стабилни напонски прилики, речиси без дефекти. Сите останати населени места каде имаме регистрирано огромни кражби, се детектирани и се работи на нивно целосно елиминирање – велат од ЕВН.

    Иако крадењето струја во последно време се поврзува со „копање“ криптовалути, од ЕВН велат дека струја се краде и од страна на домаќинства, за индивидуални потреби, кражби има и од угостителски објекти и од мала индустрија…

    Инаку, за кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас се предвидува казна до 5 години затвор како и парични казни од 5.000 до 20.000 евра.

    На страната на ЕВН имa можност да ПРИЈАВИТЕ КРАЖБА НА СТРУЈА

    Почитувани, ве молиме вашите информации да ги внесете во формуларот подолу. Тие ќе бидат внимателно разгледани и ќе бидат третирани како доверливи. Пријавата може да биде и анонимна.

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично