Уште еден финансиски извештај со завидни резултати постигнати во компанијата од скопска Автокоманда. „Алкалоид“ на најдобар можен начин ги остварува големите амбиции, кои одамна ги надминуваат границите на домашниот терен. И овојпат се зборува за инвестиции, иновации, вложувања, за производство и зголемени продажби, приходи и добивка, за проширување на тимот со нови вработени.
Ефектот од сериозниот пристап кон работата кај „Алкалоид“ е единечната нето-добивка повисока за десет проценти и со износ од 1.435.396.000 денари (23,3 милиони евра), додека консолидираната од 1.381.387.000 денари (над 22,4 милиони евра) е со седумпроцентно зголемување.
„Алкалоид“ известува и за единечни приходи, кои во деветмесечниот период изнесуваат 10.292.384.000 денари (167,3 милиони евра), а имаат позитивна промена од осум проценти. Доминантни во таа структура, со 97 проценти се приливите од продажбата на производи и услуги, кои нивото од претходната година го надминале за 9 насто.
Консолидираните приходи, пак, се 14.467.015.000 денари или 235,2 милиони евра, а имаат раст од 14 %. Овде уделот на приходите од продажбата е 98 %.
Трошоците на компанијата се исто така зголемени – единечните за 7 %, а консолидираните за 15 %. Тука се забележани износи од 142,2, односно 209,9 милиони евра.
На странските пазари се остваруваат 68 % од вкупните консолидирани продажби, а на домашниот 32 %.
„Компанијата, преку своите застапувања на производите на светски реномирани фармацевтски производители, активно учествува во обезбедувањето најсовремени ретки и специфични терапии, со што како докажан партнер на јавното здравство обезбедува значителна поддршка за здравствениот систем во земјава. Иако профитабилноста на овие програми е ограничена, тие значително го зголемуваат учеството на домашниот пазар во вкупните консолидирани продажби, каде што се остварени 32 %. Во споредба со истиот период од минатата година, продажбите во земјава бележат раст од 20 %“, информираат од „Алкалоид“.
Што се однесува до извозот, во земјите од ЈИЕ се остварени 27 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) – 21 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР…) – 19 %, а на другите пазари е остварен еден процент од вкупните консолидирани продажби.
Најголем раст во споредба со минатата година бележат продажбите остварени на Кипар, кои се зголемени 36 пати; потоа во Грузија за 2,5 пати, во Велика Британија за 2,4 пати, како и во Литванија, каде што продажбите се удвоени. Следуваат продажбите оние во Украина (раст од 80 %), Чиле (78 %), Јордан (27 %), Ерменија (19 %), Албанија (18 %), САД (16 %), во Хрватска (14 %), Босна и Херцеговина (11 %), Црна Гора (10 %), Словенија (9 %)…
Најголемиот дел, односно 90 отсто од средствата се обезбедени од сегментот фармација, каде што се работи за износ од речиси 210 милиони евра. Најпродавани, пак, се антибиотиците со 27 %. Препаратите ОТЦ партиципираат со 18 %, невролошките препарати со 12 %, кардиолошките препарати со 11 % од вкупните консолидирани продажби. Другите сегменти – хемија има удел од 2 %, козметика 7 %, а билкарство учествува со 1 %.
Инвестиции –„Алкалоид“ годинава ја комплетираше реализацијата на својот најголем инвестициски потфат во последните две децении – новиот погон за производство на цврсти фармацевтски форми Таблетно одделение 2.0 и придружните технички простории. За двојно зголемување на обемот и поголема флексибилност во производството вложени се 19,4 милиони евра.
Во првата половина од годинава реализирана е стратешка инвестиција во ПЦ Козметика. Инсталирана е нова производствена линија за производство и за пакување влажни марамчиња, во вредност од 1,7 милиони евра.
А, во основни средства се инвестирани 16,5 милиони евра.
Вложувања – регистрирано е ново друштво во Хрватска – Алкалоид Фарма Интернационал ДОО Загреб, осмо по ред основано во рамките на земјите членки на ЕУ.
Регистрирано е и ново капитално поврзано друштво во Казахстан – Алкалоид Казахстан ДОО, кое е прва подружница на компанијата во Азија. „Отворањето на ова друштво претставува исклучителна можност за искористување на големиот потенцијал за пласирање фармацевтски производи на овој пазар, чија вредност на годишно ниво изнесува над 2 милијарди евра“, посочуваат од „Алкалоид“. Инаку, подружницата лоцирана во градот Алмати, е 26-то капитално поврзано друштво на македонската компанија.
Покрај вообичаените генерички лекови, стратешка цел на оваа фармацевтска куќа е да настапи на пазарот и со биослични лекови. Во таа насока, преку докапитализација на своето новоформирано друштво во Хрватска, „Алкалоид“ вложи во јужнокорејската истражувачко-развојна компанија Rophibio преку купување малцински удел.
Иновации – За пероралниот раствор Омепразол компанијата го доби првиот интернационален патент за лек со додадена вредност (Value Added Medicine – VAM), а првите одобренија за ставање во промет на овој иновативен лек веќе се доделени за македонскиот пазар како и за пазарите во Обединетото Кралство, Ирска, Холандија, во Португалија, Унгарија, Романија, во Словенија, Хрватска, Бугарија и на Косово. Во тек се регистрациските постапки за другите земји во Европа и за пазарите во ЕУ, при што се очекува добивање одобренија за ставање на лекот во промет и за негово последователно лансирање.
Зад успехот на „Алкалоид“ стои потписот на менаџментот и на сите 3.023 вработени. На домашен терен се ангажирани 2.298 лица, а 725 делуваат од капитално поврзаните друштва во странство. Развојот на работните активности постојано налага и зголемување на колективот, па за девет месеци се реализирани 222 нови вработувања.
За стабилноста во работењето и за постојаниот развој на „Алкалоид“ потврда се наоѓа и во акциите кои котираат на Македонска берза и постојано се меѓу најтргуваните на официјалниот пазар. Нивната вредност од јануари до септември се движеше од 18.151 до 22.700 денари, со просек од 20.751,37 денари за акција.
„Движењето на цената на акцијата е во рамките на трендот на просечниот годишен раст и се должи на редовното и транспарентно објавување позитивни резултати од работењето на компанијата, позитивното јавно мислење, на довербата во нашите производи, управувањето со друштвото и на генералниот тренд на раст на глобалните и на регионалните берзи“, истакнуваат од !Алкалоид“, чии акции, со состојба од 30 септември, се во сопственост на 5.766 акционери. На истиот датум пазарната капитализација на компанијата изнесувала 31,9 милијарди денари, односно 518,7 милиони евра.
Од успешните многу се очекува, а „Алкалоид“ многу повеќе остварува.
Маја Анастасова