Парите од дивидендата за 2024 година стигнуваат на сметките од акционерите. Комерцијална банка ја почна исплатата по досега највисокиот износ од 1.250 денари за акција. А, тоа е 125 проценти од номиналната вредност. На сметките на сопствениците на акции ќе легнат вкупно 2,8 милијарди денари, односно 46,3 милиони евра. Исплатата е резултат на рекордната чиста добивка од 80 милиони евра.
За споредба, за 2023 година добивката беше 58,1 милион евра, а дивидендата 33,65 милиони евра. Секоја акција носела по 910 денари, односно по 15 наспроти сегашните 20 евра. А, пак, во 2022 година, дивидендата се пресметувала по „само“ 500 денари за една обична акција.
Од податоците на Македонска берза, се согледува дека најголемата и најуспешна домашна банка речиси две децении исплатува стабилни дивиденди, со исклучок на 2013 и 2014 година. Во тие две години, добивката била најниска (1,27, односно 1,55 милиони евра), па тогаш немало исплата на дивиденда, средствата биле насочени кон резервите. А, од сегашната перспектива, не е можно да се замисли дека некогаш акционерите добивале по 75 денари за акција како што било во 2003 година.
Со растот и развојот на Комерцијална банка, се зголемува и вредноста на нејзините акции, кои се најатрактивни за инвеститорите, со што тие се и најтргуваните хартии од вредност на официјалниот берзански пазар. Минатата година просечната цена за акција беше 20.654,75 денари, а актуелната последна вредност е 29.398,73 денари.