Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека три лица починале откако крузер со седиште во Холандија бил погоден од сомнителна епидемија на хантавирус, вирус што се пренесува преку глодари и може да предизвика тешка и потенцијално фатална респираторна болест. „Од шесте заболени лица, тројца починале, а едно во моментов е на интензивна нега во Јужна Африка“, соопшти агенцијата.
Жртви се двајца Холанѓани, 70 и 69-годишни сопружници, кои се разболеле на бродот , таму починале и биле симнати од бродот – додека телото на третиот починат, исто така, Холанѓанец е сè уште на бродот.
69-годишен Британец моментално е на интензивна нега во Јоханесбург, Јужна Африка – и тој е засега единствениот потврден случај на вирусот. Двајца членови на екипажот на бродот се исто така болни и им е потребна итна нега, соопшти операторот „Оушнвајд експедишн“.
Оушенвајд експедишнс, со седиште во Холандија, ги потврди смртните случаи во соопштение за медиумите, додавајќи и дека „двајца членови на екипажот на бродот имаат потреба од итна медицинска помош“.
СЗО забележа дека се во тек детални истраги, вклучувајќи лабораториско тестирање и епидемиолошки проценки, додека на патниците и екипажот им се обезбедува медицинска помош. „Секвенционирањето на вирусот е исто така во тек“, се вели во соопштението за медиумите.
Според соопштението за медиумите, властите на Капо Верде сè уште не го одобриле истоварувањето на патниците на кои им е потребна медицинска помош од MV Hondius, иако локалните здравствени службеници процениле две симптоматски лица.
ПУЛМОНАЛЕН СИНДРОМ СЛИЧЕН НА КОВИД?
Според Центарот за контрола и превенција на болести (CDC), соевите на хантавирус пронајдени на крстарењето можат да предизвикаат хантавирусен пулмонален синдром. Оваа болест најчесто се шири преку еленски глувци во Соединетите Американски Држави. Почесто се среќава во Европа и Азија и може да доведе до тешка бубрежна болест.
CDC, исто така, изјави дека не постои специфичен лек за хантавирусна инфекција, но симптомите може да се третираат. Во тешки случаи кои вклучуваат тешкотии со дишењето, пациентите можеби ќе треба да се интубираат.
Хантавирусната болест е ретка, но потенцијално смртоносна, при што околу 38 проценти од луѓето кои развиваат респираторни симптоми умираат од неа.
Раните симптоми на хантавирусниот пулмонален синдром вклучуваат замор, болки во мускулите, треска, вртоглавица, како и главоболки и абдоминални проблеми. Подоцнежните симптоми вклучуваат кашлање, отежнато дишење и стегање во градите.
Се наведува дека имало 890 потврдени случаи на хантавирусна болест во Соединетите Американски Држави од 2023 година.
Хантавирусниот пулмонален синдром е болеста од која минатата година почина сопругата на починатиот актер Џин Хекман, Бетси Аракава.
Според Центарот за контрола и превенција на болести (CDC), луѓето можат да се заразат откако ќе стапат во контакт со глодари како што се стаорци и глувци, особено преку нивната урина, плунка и измет. Пренесувањето од човек на човек е ретко, но можно, според СЗО.
Луѓето го споредуваат хантавирусот со COVID-19, а некои сугерираат дека може да предизвика тешка респираторна болест слична на онаа како што првично започна COVID-19. Со оглед на сериозноста на ситуацијата, СЗО исто така внимателно го следи ширењето на хантавирусот.
Организацијата соопшти дека се координира со земјите-членки и операторот на бродот за медицинска евакуација на двајца симптоматски патници, заедно со пошироки мерки за јавно здравје.
„СЗО олеснува координација меѓу земјите-членки и операторите на бродот за медицинска евакуација на двајца симптоматски патници, како и целосна проценка на ризикот од јавно здравје и поддршка на преостанатите патници на бродот. СЗО е благодарна за брзите акции и координацијата“, соопшти таа.
„Ги информиравме нашите национални контакт точки во согласност со Меѓународните здравствени прописи и ќе биде издадена вест за епидемија на болести за јавноста“, додаде СЗО.
ЕПИДЕМИЈА НА КРУЗЕР
Крузерот испловил од Аргентина пред околу три недели со околу 150 патници на бродот, правејќи застанувања на Антарктикот и други дестинации на пат кон Зелено’ртските Острови, според извештаите на медиумите.
Се чини дека бродот бил застанат во близина на брегот на Капо Верде најмалку 24 часа – локалните медиуми објавија дека патниците нема да се истоварат на архипелагот; операторот вели дека „не е дадено никакво овластување“.
Според локалниот весник „А Накао“, претседателката на Институтот за јавно здравје на Капо Верде (INSP), Марија да Луз, изјавила дека бродот треба „да продолжи по својата рута“ и дека патниците нема да се истоваруваат во Капо Верде.
Тоа е со цел да се заштити локалното население, вели таа.
Весникот објави дека бродот моментално е во близина на Праја, а вчера бил остварен контакт со локалните власти во врска со бродот.
(Фото: илустрација, Jakub Hałun – Own work, CC BY 4.0)
Аналитика








