ПОВЕЌЕ

    ЌЕ ИМА ЛИ СПАС ОД ЧАСОВИ ЧЕКАЊА НА ГРАНИЦА? Македонија бара одложување на EES од 1 јуни до 1 септември

    Време зa читање: 3 минути

    Летниот одмор за илјадници македонски туристи би можел да започне уште на граница со часови чекање. Токму стравот од долги колони и застои на премините кон Грција ја отвори иницијативата македонските граѓани привремено да бидат изземени од новите проверки што ги носи европскиот систем за влез и излез, познат како Entry/Exit System.

    Сојуз на стопански комори на Македонија преку Туристичката комора официјално побара од грчкото Министерство за туризам одложување на примената на EES системот за македонските државјани во периодот од 1 јуни до 1 септември, односно во екот на летната сезона.

    Иницијативата доаѓа по предупредувањата од туристичкиот сектор дека воведувањето биометриски проверки во најфреквентниот период би можело дополнително да го влоши метежот на граничните премини како Богородица – Евзони, каде и без нови процедури секое лето се создаваат километарски колони.

    Стравувањата не се неосновани. Со новиот систем, патниците од земји надвор од ЕУ при прв влез ќе подлежат на регистрација со биометриски податоци, вклучително отпечатоци и фотографирање, процедура која бара дополнително време. Туристичките работници предупредуваат дека тоа може да значи повеќечасовни чекања токму во деновите кога десетици илјади граѓани заминуваат кон грчките летувалишта.

    Од Комората порачуваат дека барањето не е насочено против безбедносните правила, туку кон временско решение што би спречило удар врз туризмот и би овозможило непречен проток на патници во шпицот на сезоната. Грција останува најважната странска летна дестинација за македонските туристи, а секој поголем застој директно влијае и врз туристичките аранжмани и врз целиот сектор.

    Дополнителна тежина на иницијативата дава фактот што слично барање испрати и Националното здружение на туристички агенции на Србија – YUTA, со оглед дека повеќе од милион српски туристи секое лето патуваат во Грција и исто така стравуваат од хаос на границите.

    Во меѓувреме, грчките власти веќе покажаа флексибилност кон одредени пазари. За британските туристи, според достапните информации, е предвиден поедноставен пристап без класични биометриски проверки во рамки на EES, токму за да се избегне преоптоварување на аеродромите и граничните премини. Минатата година Грција ја посетиле речиси пет милиони британски туристи, што дополнително ја објаснува чувствителноста на темата.

    Иницијативата од Македонија се темели и на аргументот дека олеснувањето не би било само во интерес на туристите, туку и во интерес на самата Грција, која секое лето прима огромен број гости од регионот. Во услови кога и без нови проверки на границите често има долги задржувања, воведувањето дополнителни процедури среде сезона се гледа како ризик што може да создаде непотребен притисок.

    Сега вниманието е насочено кон Атина и можниот одговор на грчките институции. За туристичкиот сектор, одлуката може да биде клучна за тоа дали летото ќе почне со пат до море или со часови во колона.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично