ПОВЕЌЕ

    ЌЕ БИДЕ ЛИ „РАБОТНИЧКИ“ ИСПЛАТЛИВА ИНВЕСТИЦИЈА ЗА „ЏЕВАХИР“? –„ПАРИ“ го анализира досегашното работење

    Време зa читање: 4 минути

    Кога има пари има и спортски резултати. Големи очекувања кај спортската јавност, а особено меѓу старите дебармаалци, поттикна информацијата – турската компанија „Џевахир“ е новиот сопственик на фудбалскиот клуб „Работнички“. Гордоста и херојот на култното Дебар Маало влегува во нова фаза од своето постоење.

    Адреналинот го крена сувопарната формална објава од Македонска берза:

    „Ве известуваме дека ја објавуваме блок трансакцијата со акциите на: ФК Работнички АД Скопје. (…) Номинална вредност: 100 ЕУР. Количина: 250. Цена по акција (во денари): 147.617,00. Вредност на трансакција (во денари): 36.904.250,00.

    „ЏЕВАХИР“ ПЛАТИ 600.000 ЕВРА

    Турски „Џевахир“ ги платил акциите по цена 24 пати повисока од номиналната. Или 2.400 наспроти 100 евра. Сопственоста на клубот ја стекна со износ од над 600 илјади евра што ветува дека „Работнички“ ќе го подготват за освојување на фудбалските врвови. За почеток, се најавува – на домашен терен натпреварите повторно ќе ги игра на Националната арена.

    Познато е, клубот последниот трофеј го освои во 2016 година, кога по четврти пат стана носител на „Купот на Македонија“. Рејтингот покажал дека во Лига Европа до 2017 година бил најдобриот македонски претставник. Достигнувањата на тимот се – четирикратен првак од 2005, 2006, 2008 и 2014 година и четири пати освоен Куп (2008, 2009, 2014 и 2016). Во Европа еднаш играше последна фаза од квалификации за пласман во ЛШ, а двапати дојде до плејоф за пласман во Лига Европа.

    Во изминатиот петгодишен период македонскиот прволигаш минувал низ финансиски кризи. Почесто приходите биле пониски од расходите, но минатата година како да се подготвувал добро да се „омажи“ – ги зголемил приходите во однос на 2021 година, ги намалил расходите и успеал да оствари добивка од 115.500 евра.

    ФИНАНСИСКИ РЕЗУЛТАТИ НА ФК „РАБОТНИЧКИ“

    (во евра)

    Извор: Бизнис Мрежа 

    Приливите варираат од 724,3 илјади евра во 2018, 571,6 илјади евра во 2019, 786 илјади евра во 2020, 535,7 илјади евра во 2021 и лани 697 илјади евра. Притоа, забележан е раст од 30,19 проценти во 2022 година во однос на 2021 година.

    Трошоците на „Работнички“ во истиот тој период имаат намалување од 22,22 отсто. Податоците покажуваат дека опслужувањето на клупските потреби во 2018 чинело 713,6 илјади евра, во 2019 речиси 812 илјади евра, во 2020 – 910,2 илјади евра, во 2021 -729,3 илјади евра и во 2022 – 567 илјади евра. Во 2022 година заблежан е пад на расходите за 22,2 проценти во однос на 2021 година.

    Оттука, клубот функционирал со каква-таква добивка само во 2018 година кога на контото биле регистрирани 2.400 евра (колку што „Џевахир“ сега даде за една акција) и минатата година кога бил во плус од 115,6 илјади евра.

    Загубите се со поголеми износи. Во 2019 минусот бил најголем – 240,2 илјади евра, во 2020 се намалил на 124 илјади евра, а во 2021 повторно расте и доаѓа до 193,5 илјади евра.

    ОД КАДЕ СЕ ПРИХОДИТЕ?

    Лани „Работнички“ вработувал 18 лица, што е најмалку во споредба со годините пред тоа.

    Во стручниот штаб се осуммина. Во тој состав се шефот на стручниот штаб, двајца помошници тренери, кондициски и тренер на голмани, лекар и двајца физиотерапевти. Младинската академија има само директор, а Здружението на ветераните претседател, генерален секретар и селектор.

    Всушност, тоа се 18-те вработени во „Работнички“. Сепак, најважни се играчите, тие ги привлекуваат парите за своите клубови. Месечно, потребни се стотици илјади евра само за плати, договори и придонеси за играчите и за вработените. „Работнички“ обезбедува средства од спонзори, од УЕФА, од трансфери и од влезници. Финансиските проблеми постојано се присутни, особено кога не игра на европските терени. Минатата година од клубот реагираа кога Град Скопје му додели финансиска помош на вечниот ривал „Вардар“ за покривање на заостанатите плати на фудбалерите.

    Во своите 86 години, кои ги одбележа десеттина дена пред официјалната купопродажна трансакција, „Работнички“ имал подеми и падови. Со појавата на „Џевахир“ постои можност и финансиските и спортските проблеми, како и демотивираноста на играчите да станат минато. На задоволство на целиот „пајтон“ навивачи.

    новинар:

    Маја Анастасова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично