Гледано не само на долг, туку и на среден рок, нашиот пензиски систем се соочува со влошени демографски проекции, предизвик кој бара стратешки и натпартиски пристап. Ваквата реалност води кон неизбежниот заклучок дека за посигурни пензионерски денови штедењето во доброволен пензиски фонд станува неопходност.
Еден од факторите за влошената демографска слика е секако одливот на населението. Одливот на мозоци не е само демографски, туку и економски и национален проблем. Р.С. Македонија мора итно да преземе системски мерки за да ги задржи младите – преку создавање услови тие да ја гледаат својата иднина овде, а не во странство.
Во изминатите децении, Р.С. Македонија изгуби значителен број млади и образовани граѓани. Одливот на мозоци не е само лична одлука и нема само резултати само на индивидуално ниво – тој има длабоки економски, социјални и стратешки последици. Секој млад човек кој ја напушта државата, го носи со себе не само својот потенцијал, туку и инвестицијата која државата ја направила во неговото детство и образование.
Кога едно дете ќе се роди, државата веднаш почнува да вложува во неговиот раст, здравје, образование и социјален развој. Овие вложувања не се само морална обврска на државата – тие се и економска инвестиција со конкретна вредност.
Р.С. Македонија вложува помеѓу 17.000 и 26.000 евра по дете до неговата полнолетност – преку образование, здравство, социјални услуги и субвенции. Но, кога тоа дете по средно или високо образование ќе замине во странство – нашата држава всушност ја „почестува“ друга држава со целосно подготвен и образован граѓанин. Таму тие „деца“ кои во меѓувреме станале возрасни луѓе ќе плаќаат даноци, ќе трошат пари, ќе основаат семејства и ќе ја јакнат туѓата држава – со македонска инвестиција. Секое „дете“ што ќе замине во странство ја носи со себе и оваа инвестиција, без поврат во општеството каде што израснал и се формирал како личност.
Колку е поголем одливот – толку е поголема и економската загуба. Ова значи дека кога една личност по средно или високо образование заминува од земјата – државата губи десетици илјади евра, без поврат на инвестицијата преку даноци, иновации или општествен придонес.Пример: ако само 1.000 млади лица годишно заминат на студии или работа во странство, тоа значи: 17–26 милиони евра државна инвестиција која ѝ се подарува на туѓа економија.
Табела 1. Апроксимативни пресметки за трошокот кој го издвојува државата по дете до полнолетство
Ова е не само демографска и социјална загуба – туку и директна финансиска дупка која го поткопува развојот на самата држава. Со оваа појава губиме потенцијални даночни обврзници и млади професионалци (идни лекари, инженери, наставници и претприемачи) и уште многу позначајно од аспект на општеството, губиме родители кои би формирале семејства и нови генерации тука.
Одливот на млади и талентирани луѓе е еден од најголемите предизвици со кои се соочува земјава. Секоја личност која заминува во странство не претставува само загубен човечки потенцијал, туку и изгубена државна инвестиција. Главните причини за оваа појава се: ниските плати и недостиг на кариерни можности, корупција, непотизам и недоверба во институциите, недоволна поддршка за претприемништво и иновации како и недоволен квалитет на живот и јавни услуги.
Решенија: Како да ги задржиме младите? Што може да се направи, дали е се изгубено?
Доколку го вклучиме и периодот по средно образование – државната инвестиција може да достигне и 35.000 – 40.000 евра по лице. Но, бесцелно е да се зборува и пресметува доколку не се размислува за долгорочни системски решенија. Она што е потребно се системски решенија, кои ќе создадат мотивација за останување, а не само патриотска порака. Со системски решенија кои е потребно добро да се осмислат можеме да дојдеме до:
1. Подобрување на економските можности
- Зголемување на платите, особено во стратешки сектори (ИТ, медицина, инженерство).
- Поттикнување на стартапи и иновативни мали бизниси преку финансиска и менторска поддршка.
- Регионален развој: повеќе можности и надвор од Скопје.
2. Модернизација на образованието
- Подобро усогласување со потребите на пазарот на труд.
- Промоција на дуално образование (учење + пракса).
- Поддршка за истражување и развој во високо образование.
3. Вклучување на дијаспората
- Стимули за враќање (ослободување од данок, старт-ап грантови).
- Креирање мрежи за соработка со македонски професионалци во странство.
4. Зајакнување на институциите
- Воведување на транспарентни и фер системи за вработување и напредување.
- Борба против корупција и фаворизирање.
5. Подобрување на квалитетот на живот
- Подобро здравство, сообраќај, урбанизам и јавни услуги.
- Повеќе културни, спортски и рекреативни содржини за млади.
Од инвестиција до партнерство со големите компании и банките
Сепак, со цел да останеме фокусирани на конкретниот предлог што следува – се задржуваме на клучниот момент кога младите се соочуваат со избор да заминат на студии и работа во странство, или да останат во земјава и да започнат да придонесуваат тука. Можеме да добиеме, ако инвестицијата не заврши со средното образование – туку се трансформира во партнерство со младите односно ако создадеме механизми што ќе им понудат на младите реални причини да останат и да се развиваат дома.
Големите компании и банките можат (и треба) да играат клучна улога во спречување на одливот на млади луѓе од Р.С. Македонија. Еве како:
Улогата на големите компании и банки
1. Создавање квалитетни работни места
- Инвестирање во човечки капитал преку подобри плати, обуки и кариерни патеки.
- Вработување на млади таленти без барање „5 години искуство“.
- Развој на програми за платена пракса и менторство.
2. Соработка со образовни институции
- Воведување на дуално образование – каде што учениците дел од времето учат, а дел од времето работат во компанија.
- Поддршка на факултети и средни училишта преку:
- Гостински предавачи од индустријата.
- Донации на опрема или стипендии.
- Заеднички истражувачки проекти.
3. Финансиска поддршка за стартапи и иновации
- Банки и корпорации можат да креираат фондови за млади претприемачи.
- Партнерства со инкубатори, акцелератори и технолошки паркови.
4. Социјална одговорност и заеднички иницијативи
- Програми за заедницата: културни настани, волонтерски активности, еко-иницијативи – сето тоа создава чувство на припадност кај младите.
- Поддршка на локални проекти кои ја подобруваат урбаната средина, јавниот превоз или дигиталната инфраструктура.
5. Модел за фер и транспарентна работна култура
- Примена на меритократија и еднакви шанси.
- Јасни и фер процеси за регрутација и унапредување.
- Поттикнување на повратници од странство со конкретни понуди за работа.
Зошто тоа им одговара и на компаниите?
- Помал одлив на кадар: Наместо да бараат таленти во странство, ќе имаат пристап до обучени и мотивирани млади дома.
- Подобра репутација: Компаниите што инвестираат во заедницата добиваат поголема лојалност и доверба.
- Поголема продуктивност: Задоволни и мотивирани вработени создаваат повеќе вредност.
- Партнер на државата: Компаниите стануваат активен чинител во долгорочниот развој на Р.С. Македонија.
Извор: Блог портал: НикогашСами