На посилна заедничка акција во насока на создавање безбедна училишна срдина, едукација за ненасилна комуникација, превенција во спортот, дигитална безбедност, ментално здравје и психосоцијална поддршка, поголема координација и одговорност меѓу институциите – се обврзаа потписниците на Декларацијата за намери за превенција на насилство кај младите.
На овој документ стојат потписите на претставниците на пет министерства – за образование и наука, за спорт, за внатрешни работи, за социјална политика, демографија и млади и за дигитална трансформација, како и на партнерските установи, невладини организации, пратеници и други членови на Националната работна група за превенција на насилство кај младите, која работи со поддршка на ОБСЕ.

Во своето обраќање министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, рече дека насилството меѓу младите постоело и веројатно е дека ќе постои, а наша задача е да го сведеме колку што е можно на пониско ниво. Како што истакна, низ годините наназад, граден е механизам за справување со врсничкото насилство, кој особено во изминатите две години е значително унапреден.
„Направивме законски измени согласно кои, училиштата се должни во своите годишни програми за работа да планираат и програми за промоција на добросостојба на учениците, заштита од насилство, од злоупотреба и запуштање, спречување дискриминација, подобрување на комуникацијата и слични активности за подигнување на свеста за мирна и хармонична училишна средина во која ќе има меѓусебно разбирање и почитување. Ги зајакнавме стручните служби со ангажирање на кадар онаму каде недостигаше и со обуки за вештини зa превенирање насилство, а ги вративме дежурствата на наставниците за време на одморите во ходниците и во дворовите“, рече министерката.
Потсети и дека со приватниот сектор е подготвен прирачник за наставници и стручни соработници за справување со врсничко насилство, базиран на ефективни одговори на примери од пракса, како и прирачник за справување со сајбер насилство.
„Младите не стануваат агресивни во училиште, туку агресијата ја носат однадвор или поточно – најчесто од семејството. Во собраниска процедура се законски измени кои предвидуваат парични казни за родителите и старателите на децата за кои ќе се утврди дека извршиле врсничко насилство во училиште“, додаде Јаневска, информирајќи дека многу скоро ќе започне и мултиресорска кампања за справување со семејно и врсничко насилство.
Аналитика








