ПОВЕЌЕ

    Изработена е првата национална Водородна студија со поддршка од ЕУ

    Време зa читање: 3 минути

    Државата ја доби првата национална Водородна студија, стратешки документ кој ги анализира можностите за развој на водородната економија и ја позиционира земјата како дел од идната европска инфраструктура за транспорт на чист водород.

    Документот е изработен со техничка помош финансирана од Европската Унија преку програмата ИПА II, во рамки на Western Balkans Investment Framework (WBIF) и Infrastructure Project Facility 10 (IPF10), како дел од проектот за гасно поврзување меѓу Македонија и Србија, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

    „Ова е прв национален документ кој на сеопфатен начин ги анализира можностите за производство, транспорт, складирање и употреба на зелен водород, како еден од клучните енергенси на иднината, во енергетиката, индустријата, транспортот и системите за централно греење“, наведуваат од Министерството.

    Според студијата, Македонија има реален потенцијал постепено да развива водородна економија и да стане активен дел од идната европска водородна инфраструктура. Во документот се посочува дека државата, заедно со Србија и Грција, има стратешка позиција во рамките на Паневропската водородна мрежа и иницијативата European Hydrogen Backbone.

    Особено се истакнува дека новата гасна интерконекција со Грција, чија изградба е во тек, е проектирана за транспорт на 100 проценти водород. Истото важи и за планираната интерконекција со Србија, за која во тендерската документација е предвидено целосно да биде подготвена за транспорт на водород.

    „На овој начин, двете интерконекции ќе претставуваат клучни сегменти на идниот национален водороден ’рбет и ќе придонесат за регионалната интеграција во европскиот водороден пазар“, посочено е од Министерството.

    Во студијата се разработени сценарија за развој на водородниот сектор до 2050 година, вклучувајќи интеграција на обновливите извори на енергија, развој на водородни коридори, примена на водородот во индустријата и транспортот, како и можностите за значително намалување на емисиите на стакленички гасови.

    Од Министерството оценуваат дека со овој документ Македонија се вбројува меѓу малкуте земји во регионот кои веќе имаат стратешка рамка за развој на водородниот сектор, што претставува значајна предност во процесот на енергетската транзиција и усогласувањето со европските политики.

    „Водородната студија не е само анализа на идните можности – таа е патоказ за новата енергетска ера, во која Македонија навремено се позиционира како партнер во европската водородна мрежа и учесник во создавањето на чиста, нискојаглеродна економија“, се наведува во соопштението.

    (Фото: Magnific)

     

     

     

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично