Намалени приливи и зголемени одливи на средства забележале отоврените инвестициски фондови во јануари. Сепак, тоа не се одразило негативно на вкупното работење. Првиот месец од годинава го завршиле во позитива.
Редовните работни активности на инвестициските фондови им обезбедиле прилив од 30,1 милион евра, покажуваат податоците од јануарскиот извештај на Комисијата за хартии од вредност. Или, нешто повеќе од двојно помалку (51,64% ) во споредба со декември, со реализираните 62,3 милиони евра.
Поволно за овие фондови било тоа што исплатите на средства биле релативно ниски. Оттаму и месечното зголемување кај одливите за 3,23 насто. Притоа, достигнат е износ од 26,5 милиони евра (25,7 милиони евра во декември).
Ваквите движења придонеле во остварувањето на позитивната нето-разлика од 3,6 милиони евра. За 90,2 проценти пониска од декемвриската со 36,7 милиони евра.
На последниот ден од јануари нето-вредноста на отворените инвестициски фондови изнесувала 22,5 милијарди денари, односно 366,7 милиони евра. Споредено со состојбата од декември и тогашните 353 милиони евра, постигнато е месечно зголемување од 3,85 проценти.