На работното место Славица Цветковиќ нема колешка. Само колеги. Работи во смени од по 12 часa, во зависност од распоредот, дење или ноќе. Обврските претпоставуваат полна концентрација и психофизичка подготвеност, или, како што вели, во главата ѝ е вклучено ротационо светло. Во текот на работното време минува триесетина километри. Taa e дел од приватното обезбедување на трговскиот центар Ист Гејт и тврди дека обезбедувањето не е машка работа.
Пари го одбележува 8 Март ‒ Меѓународниот ден на жената, со серија интервјуа , реализирани со познати и непознати жени за пошироката јавност. Една од нив е референтката за приватно обезбедување, Славица Цветковиќ.
Пари: Обезбедувањето е Ваша професионална определба. Што Ве предизвика да го направите тој избор?
Цветковиќ: Полицијата и безбедноста ми беа детска желба. Омилен предмет во гимназија ми беше ОНО. Огромна беше желбата, затоа учев, бев ученик на генерација, надевајќи се дека ќе се запишам на Факултетот за безбедност. Но, во тој период системот беше таков, шест девојки се примаа од целата поранешна Југославија, од секоја република по една. Конкуренцијата беше огромна, меѓу нив од Македонија беше и ќерката на тогашен министер. Бев одбиена, но со ветување ‒ заврши прва година на Правен факултет, па ќе те префрлиме. Завршив и втора година, а во трета веќе кренав раце од тоа. Работев во други области, но чувствував дека таа желба тлее во мене. И, се појави можност да работам како обезбедување. Требаше да полагам за лиценца, што не ми претставуваше проблем. Тоа е еден од условите – да полагаш во Комората за приватно обезбедување.
Пари: Кои обуки треба да се минат, кои вештини и што сѐ е потребно да се совлада за да се влезе во областа на обезбедувањето?
Цветковиќ: Наставата, обуката и полагањето се во рамките на Комората за приватно обезбедување. Предавањата ги држат професори од Факултетот за безбедност. Се учат 16 предмети. Меѓу другото, се учи и Законот за приватна безбедност, кривично право, противпожарна заштита, укажување прва помош… Полагањето има теоретски и практичен дел. Во практичниот дел влегува пукање со оружје, а претходно се оди на обука во Идризово, каде што прво се учи како да се расклопат и потоа да се склопат пиштол и пушка. Кој ќе положи, добива лиценца, која е трајна. Сепак, ако се случи пропуст при работата или ако ги надминеш законските овластувања, Комората има право да побара одземање.
Инаку, јас порано тренирав карате, а сега кондиционо се одржувам преку јога-вежбите. Ова е бранша каде што треба да имаш солидни психофизички способности.
Пари: Кои се обврските на обезбедувањето?
Цветковиќ: Работиме во смени по 12 часа. Принципите за работа се усвоени од полицијата. Има Закон за приватно обезбедување, кој ние мора да го знаеме ‒ какви се ингеренциите и до каде можеш да одиш во твојата надлежност. Полицијата има комплетна надлежност, ние сме ограничени. На пример, ако некој го нарушува јавниот ред и мир или провоцира во трговскиот центар, ние го изнесуваме надвор. Ако и натаму дава отпор, тогаш ја повикуваме полицијата. Може и да изречеме забрана за влез во објектот. Немам овластување за други мерки. Забраната е усна, но без оглед, релевантна е.
Задолжени сме за комплетната безбедност на трговскиот центар, а во случаи на несакани ненадејни појави мора да реагираме веднаш. Евакуацијата е основата на обезбедувањето. Еднаш годишно имаме вежби, ги знаеме сите точки на објектот и кој каква обврска има ако се случи поплава, пожар или сл., каде да се насочат луѓето, што треба да направиме, кои врати да ги затвориме, на кој излез да ги упатиме…
Пари: Дали навистина обезбедувањето е машка професија или тоа е само предрасуда?
Цветковиќ: Предрасудите се големи. Обезбедувањето апсолутно не е машка работа. И не може да биде, затоа што ние, жените, сме подобри. Еве и зошто: во обезбедувањето е многу важна моќта на забележување. Особено детали, ситници. Во тој поглед, мажите се како еднонасочна улица. Гледаат само напред, никако лево и десно. Ние и кога сме фокусирани на нешто, ги следиме страничните, навидум неважни нешта и случувања. Велам, имаме ротационо светло во глава. Гледаш напред, но воочуваш и многу ситници.
Има жени во оваа професија, главно работат обезбедување на бутици. И овде, во Ист Гејт, имаше неколку, но заминаа. Останав јас да се борам. Моментално, овде сум единствената жена меѓу мажите во обезбедувањето. Немам проблеми со колегите, со некои и претходно сме работеле заедно. Обезбедувањето е тимска работа.
Пари: Дали се случило при некоја интервенција некој да ви пружа отпор само поради тоа што сте жена?
Цветковиќ: Да, многупати се има случено тоа. Машката филозофија – ти мене ќе ми кажеш. Во тие моменти пристапувам учтиво и културно, но ако реагира и се противи, тогаш треба да се покажат заби. Е, тогаш се повлекуваат. Такво е моето искуство.
Пари: Колку е безбеден обезбедувачот?
Цветковиќ: Кога наидуваме на крадци треба да сме внимателни, затоа што може да се случи да извадат нож. Ако не веднаш, може да те сочекаат надвор со екипа тепачи. Тоа го има, но за среќа, не често. Мене не ми се случило. А закани во расправија има.
Пари: Како се издржуваат 12 часа под полна концентрација и подготвеност да се реагира во секој момент?
Цветковиќ: Имаме две дневни дванаесетки и по една дневна и ноќна. Денската смена е многу потешка. Во тие 12 часа низ Ист Гејт минувам од 30 до 31 километар, така покажува телефонската апликација. Тоа е убава километража. Ноќе нема толку големо движење. Но, и тогаш има работа, затоа што сите активности околу дуќаните, како реновирање, носење роба, селење, поправки… сѐ се прави исклучиво ноќе, по 22 часот. Исто така, и градежните активности, инсталации, проверки ‒ сето тоа се работи ноќе. Наша обврска е да запишеме кој дошол, каде и што работел. И сите мора да се најават кај нас преку е-пошта. Ако нема е-порака и не е наведено што ќе се работи, не го пуштаме да влезе во трговскиот. Има 220 дуќани, мора да се води контрола.
Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска