ПОВЕЌЕ

    ВО КОИ ФИРМИ ИМА ПЛАТИ НАД 100.000 ДЕНАРИ, а во кои трошки за работниците?

    Време зa читање: 5 минути

    Имаат огромни профити, но колкави плати даваат? Порталот Пари, во соработка со Бизнис мрежа, го бара одговорот во анализата за просечни плати на фирмите што се на листата 100 најголеми по добивка. На оваа листа се фирми со добивки од 3 милиони евра до 73,15 милиони евра. Платите се движат од 3.000 денари во Друштвото за трговија на големо и мало МА ТРУСТ ДОО Скопје, до 254.796 денари во Друштвото за приредување игри на среќа КАСИНОС АУСТРИА ИНТЕРНАТИОНАЛ МАКЕДОНИЈА ДОО Скопје. Но, и фирмата со највисоката и фирмата со најниската плата се специфични. И двете се со по еден вработен.

    КОИ ФИРМИ ДАВАЛЕ НАЈВИСОКИ ПЛАТИ?

    Прoсечна плата од 100.000 денари во Македонија не е вообичаена. Но, 6 компании во друштвото 100 најголеми по добивка имаат просечна плата над 100.000 денари.

    КАСИНОС АУСТРИА ИНТЕРНАТИОНАЛ МАКЕДОНИЈА ДОО Скопје е дом на едниот вработен со плата од околу 4.000 евра. Таму приходот е 9,8 милиони евра, а добивката е 8,7 милиони евра. КАСИНОС АУСТРИА ИНТЕРНАТИОНАЛ МАКЕДОНИЈА е сопственик во Државна видеолотарија на Република Македонија.

    Второ по највисока просечна плата е Друштвото за градежништво, трговија и услуги А ПЛУС ИНЖИНЕРИНГ ДОО Скопје. Таму има 6 вработени, а просечната плата е 160.903 денари. Фирмата направила приход од 12,4 милиони евра, а нето-добивката ѝ била 4,2 милиони евра.

    Во Друштвото за компјутерско програмирање АКСАПТА МАСТЕРС ДОО Скопје просечната плата е 135.570 денари, има 311 вработен, ланскиот приход бил 20,4 милиони евра, а добивката изнесувала 4,7 милиони евра.

    Слична просечна плата има и во Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО АД-Скопје. Таму просекот за 70 вработени е 133.743 денари. Друштвото лани остварило приход од 159,1 милион евра и нето-добивка од 10,6 милиони евра.

    СЦМ РЕТАИЛ ДООЕЛ Скопје е друштво за трговија и услуги, регистрирано со главна дејност управување и изнајмување сопствен недвижен имот или недвижен имот под закуп. Таму просечната плата била 121.659 денари, има 16 вработени, реализиран приход од 15,4 милиони евра и добивка од 7 милиони евра.

    Последно на листата од 100-те најпрофитни компании, а со плата над 100.000 денари, е Друштвото за производство и трговија со тутунски производи ФИЛИП МОРИС ТУТУНСКИ КОМБИНАТ ПРИЛЕП ДОО Скопје со 48 вработени коишто во просек заработуваат по 102.886 денари. Компанијата лани направила приход од 80,6 милиони евра и добивка од 17,6 милиони евра.

    Извор: Бизнис мрежа

    КОИ ДАВАЛЕ НАЈНИСКИ ПЛАТИ?

    На дното од листата е Друштвото за трговија на големо и мало МА ТРУСТ ДОО Скопје со еден вработен и евидентирана плата од 3.000 денари, а со добивка од нешто помалку од 6 милиони евра! Друштвото речиси и немало расходи, па лавовскиот дел од приходот е добивка. Ова е компанија што според дејноста врши трговија на големо со моторни возила и има приход од 6 милиони евра. Очигледно станува збор за фирма што служи за одреден оперативен бизнис, а самата дејност, вработените се во други друштва. Всушност, компанијата е сопственик во познатата фирма за продажба на возила МАК АУТОСТАР. Затоа, оваа фирма и не може да се вброи во фирми со ниски плати.

    Но, еве кои пет компании од листата на 100 најголеми по добивка даваат најниски плати.

    Извор: Бизнис мрежа

    Трговецот на големо со овошје и зеленчук АТЛАНТИК дава просечна плата од 27.209 денари, иако има добивка од 3,8 милиони евра. Таму има 26 вработени и заедно создаваат приход од над 36,7 милиони евра.

    Во компанијата што се занимава со градежништво и рударство МАШИНОКОП РЕСУРСИС ДООЕЛ Кавадарци има 96 вработени. Таму просечната плата лани била 29.197 денари. Со вработените е направена добивка од 4 милиони евра и приход од 10,7 милиони евра.

    ПАЛМА ТРАДЕ Љумиаљ ДООЕЛ Експорт-Импорт, Тетово е фирма регистрирана со дејност: Изнајмување и управување co сопствен недвижен имот или недвижен имот под закуп (лизинг). Фирмата има 15 вработени, со просечна нето-плата од 29.764 денари, приходот е 6,7 милиони евра, а добивката е 3,5 милиони евра.

    Фабриката за челични производи ИГМ-ТРЕЈД има 536 вработени со просечна нето-плата од 31.111 денари, кои се заслужни за создаден приход од 184,5 милиони евра и профит од 26 милиони евра.

    Уште една фирма со дејност Изнајмување и управување co сопствен недвижен имот или недвижен имот под закуп (лизинг) е меѓу најпрофитните 100 компании во кои во однос на заработката има ниски плати. Станува збор за Друштвото за управување ЕЗИМИТ КАПИТАЛ ДОО Штип, кое има 5 вработени со просечна плата од 31.346 денари. Приходот на компанијата е 7,8 милиони евра, а добивката е 6,3 милиони.

    Во јавноста често се коментира дека дел од компаниите остваруваат високи профитни маржи, што значи дека штедат на работниците. Меѓу овие компании лесно може да се согледаат таквите состојби.

    Следно од серијалот 100 најголеми: Кои се најголемите работодавачи?

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично