Повторно промена во сопственичката структура на „Реплек“, за што компанијата информира преку Македонска берза. Овој пат, сопственици на пакет од над пет проценти ги зацврстуваат акционерските позиции, а како купувачи се јавуваат и помали акционери, членови на одборите – управен и надзорен.
Во последно објавената ценовно чувствителна информација од фармацевтската компанија, со која се објавува промената на сопственоста над пет проценти, се наведува дека од страна на „Ситко Антонио“ ДООЕЛ Скопје, друштво за трговија и услуги, се купени 61 акција. Со ова, во сопственост има 1.650 акции, односно 6,37 отсто од вкупниот број акции.
Со 20 нови акции се стекнал и акционерот Владимир Пецовски. Како што посочуваат од фармацевтската компанија, сега поседува 1.625 обични акции или 6,27 проценти од вкупниот број акции.
Во вториот дел на објавата, од скопски „Реплек“ известуваат дека Панче Гелевски, кој е член на Управниот одбор, се стекнал со 25 акции, со што поседува 30 акции или 0,12 отсто. Во исто толкав процент е и уделот на членот на Надзорен одбор, Владимир Гашевски. И тој има вкупно 30 акции, 27 стекнати при последната трансакција, откако во март ги купил првите три.
На почетокот од месецов акционер во „Реплек“ стана и „Биотек“, компанија која се наоѓа во друштвото на наголемите веледрогерии и лаборатории во земјата. Во своја сопственост има 1.634 обични акции или 6,3 проценти.
Сите овие промени во деловниот свет упатуваат пораки за стабилноста и успешноста на „Реплек“.