Со ист буџет ќе се обезбедат илјадници дополнителни тестирања за рано откривање на рак на грлото на матката, откако Фондот за здравствено осигурување на Македонија ги намали референтните цени на ХПВ генотипизацијата и ликвид ПАП цитологијата. Според пресметките на ФЗОМ, бројот на достапните тестови ќе се зголеми за 66,2 насто, односно за 76 насто, што значи значително поголем опфат на жените со превентивни прегледи. Мерката е веќе во сила.
ХПВ генотипизацијата поевтинува од 5.500 на 3.310 денари, односно за 39,8 отсто. Истовремено, партиципацијата што ја плаќа пациентот се намалува од 550 на 350 денари.
Кај ликвид ПАП цитологијата референтната цена се намалува од 2.200 на 1.250 денари, што претставува намалување од 43,2 отсто. Партиципацијата се намалува од 250 на 150 денари.
Конвенционалниот ПАП тест останува со непроменета цена од 600 денари.
Повеќе тестови за ист буџет – Ревизијата на цените е направена врз основа на реалните фактурирани услуги во 2025 година. Анализата покажува дека со исто ниво на финансирање бројот на достапни тестирања значително се зголемува.
Кај ХПВ тестирањето годишниот капацитет се зголемува од 13.466 на 22.375 тестови, односно за дополнителни 8.909 тестирања. Кај ликвид ПАП цитологијата бројот на достапни тестови расте од 2.427 на 4.271, што значи 1.844 дополнителни тестирања.
Според ФЗОМ, тоа ќе овозможи многу поголем број жени да бидат опфатени со скрининг програмите, вклучително и оние кои досега поради финансиски причини не пристапувале кон овие превентивни прегледи.
Раното откривање спасува животи – Ракот на грлото на матката е меѓу малигните заболувања кои можат успешно да се превенираат и лекуваат доколку се откријат навреме. ХПВ тестирањето и цитолошкиот скрининг претставуваат клучни алатки за откривање на преканцерозни промени и рак во ран стадиум, што овозможува навремена интервенција и значително подобри здравствени исходи.
„Со оваа мерка не само што ги намалуваме трошоците за осигурениците, туку создаваме услови значително поголем број жени да бидат опфатени со современи превентивни тестирања. Нашата цел е средствата што ги обезбедува Фондот да се користат поефикасно, а здравствените услуги да бидат подостапни за граѓаните. Раното откривање на болестите спасува животи и затоа вложувањето во превенција останува еден од нашите приоритети“, истакна директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски.
Од ФЗОМ на денешниот брифинг информираа и за измените во Шифарникот на лекови што се однесуваат на лековите со активна супстанција топирамат, наменети за третман на епилепсија и други невролошки состојби. Со цел да се обезбеди непречена достапност на терапијата, во новиот шифарник ќе биде вклучен лекот „Тирамат“ од производителот „Фармавита“, обезбеден преку интервентен увоз, со што ќе се обезбеди континуитет во лекувањето на пациентите.
Аналитика








