ПОВЕЌЕ

    Хотел „Русија“ се отвора за првите гости – Македонијатурист најавува целосна обнова

    Време зa читање: 2 минути

    Хотел „Русија“ ги отвора вратите за првите гости. Новиот сопственик – Македонијатурист има договори со реномирани туристички агенции и нивната реализација почнува веднаш, велат од менаџментот во изјавата за порталот Пари. Паралелно ќе се спроведуваат и активностите со кои ќе се врати целосниот сјај на хотелот лоциран во рамките на спортско-рекреативниот центар „Јане Сандански“ во скопски Аеродром.

    „Реновирањето ќе се изведува етапно. Почнуваме со СПА-центарот. За три до четири месеци ќе го пуштиме во употреба“, велат од Македонијатурист и најавуваат дека следниот чекор ќе биде обнова на популарниот „Скај бар“.

    Од компанијата нагласуваат дека комплетно ќе го уредат хотелот:

    „По СПА-центарот и барот, ќе ги реновираме и собите. Спрат по спрат, како што ќе овозможуваат условите за сместување“, велат од менаџментот, и нагласуваат: „Сконцентрирани сме на зголемен капацитет на хотелско-угостителскит услуги и во Скопје и низ Македонија, и очекуваме зголемување на приходите на Македонијатурист“.

    Се откажуваат сите резервации – на 1 мај се затвора Хотел „Русија“?

    Хотелот беше затворен на први мај годинава, а пред тоа Пари ја објави информацијата дека се откажани сите резервации за престој и прослави, и дека се враќаат уплатените средства.

    „Русија“ е првата голема македонска инвестиција на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Изграден е во 2014 година и оттогаш угости голем број спортски тимови и гости. Со текот на времето, се менуваа и реакциите на луѓето што престојувале во хотелот, а во последните месеци пред затворањето укажуваа на запуштеност и опаднат квалитет на услугите.

    „Ќе го обновиме хотелот и целосно ќе му го вратиме сјајот“, истакнуваат од Македонијатурист.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично