ПОВЕЌЕ

    ЗАСИЛЕНА ИЗГРАДБАТА НА ПРУГАТА КОН БУГАРИЈА: Втората делница е вистински инженерски подвиг, со 29 мостови и 15 тунели, вели министерот Николоски

    Време зa читање: 3 минути

    Интензивно се гради пругата Скопје – Софија, со 29 мостови и 15 тунели втората делница е градежен и инженерски подвиг, изјави денес вицепремиерот и министер за градежништво Александар Николовски на обиколката на терен од изградбата на втората делница од пругата од Македонија кон Бугарија.

    Изградбата на втората делница од железничката пруга кон Бугарија, на потегот Бељаковце – Крива Паланка, напредува со засилена динамика, станува збор за еден од најкомплексните и најголеми инфраструктурни проекти што се реализирaaт во Македонија. Се работи за исклучително предизвикувачки проект кој опфаќа изградба на три нови станици, Кратово, Романовце и Гиновце, и други придружни објекти, 29 мостови, 15 тунели, 6 надвозници и 3 подвозници на само 34 километри, истакна Николоски, појаснувајќи дека на пругата ќе сообраќаат возови со брзина и до 120 километри на час.

    „Досега се изградени 36 проценти од 34 километри долгата пруга до бугарската граница и очекувам до октомври 2028 година или да бидам попрецизен, до последниот квартал на 2028 година, тука веќе да сообраќаат возови“, информираше Николоски.

    Министерот нформираше дека по завршувањето на втората делница ќе следува изградбата на третата делница кон границата со Бугарија, за која веќе е објавен тендер за избор на надзорен орган, а во следните недели се очекува да биде објавен и тендерот за изведба.

    Одговарајќи на новинарско прашање кога се очекува целосно да биде завршен проектот за железничко поврзување со Бугарија, Николоски рече дека целта е до 2031 година да биде завршена целата траса, вклучително и тунелот што треба заеднички да се гради со бугарската страна. „Очекувам, согласно она што го ветивме, до 2031 година да ја завршиме целата делница, заедно со тунелот што заеднички треба да го градиме со Бугарија. Целта е во 2031 година проектот да биде завршен од двете страни, затоа што точно е дека од Софија до Ѓуешево постои железничка линија, но исто така е точно дека на најголем дел од трасата треба да се изгради нова или целосно да се реконструира постојната“, рече Николоски.

    Тој укажа дека еден од мостовите има столбови високи дури 45 метри, а највисокиот столб на пругата е висок цели 61 метар, речиси колку згради од 20 ката.
    Овие мостови се вистинско инженерско чудо, рече министерот. „Кога за две години тука ќе се поминува со воз малку ќе се знае што има долу и како изгледала изградбата, но добро е сега да кажеме и покажеме“, им рече на присутните новинари Николоски.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично