Еколошките организации Гринпис и PAX издадоа ургентни предупредувања за ризикот од голема регионална еколошка катастрофа покрај јужниот брег на Оман. Ова доаѓа по откривањето на невидено и масовно ширење на дамката на нафта од заглавен и дотраен танкер. Танкерот носи огромни количини сурова нафта.
Двете еколошки организации објавија дека целта на бродот бил танкерот за нафта „Керолин Безенги“, кој носи приближно еден милион барели руска сурова нафта. Танкерот претходно претрпел три мистериозни експлозии од непознато потекло минатиот јуни покрај брегот на Јемен. Овие експлозии целосно ги онеспособиле неговите мотори и предизвикале значителна количина вода да ја поплави неговата внатрешност. Како резултат на тоа, танкерот потоа отпловил и се насукал покрај брегот на Оман.
Новата анализа на сателитски снимки од „Гринпис Германија“ покажува дека истекувањето на нафта од рускиот танкер „Керолин Безенги“ од флотата во сенка, кој е закотвен во архипелагот Ал Халанијат во Оман, се забрзало и сега се проценува дека се проширило на околу 600 квадратни километри – четирикратно зголемување само во последните два дена.
Ова е значително зголемување од приближно 20 квадратни километри забележани кон крајот на јули. Извештаите, исто така, потврдуваат дека дебели, црни дамки од сурова нафта веќе стигнале до јужните и западните брегови на островот Киблија во Оман.
Поради ова, расте стравот од расцепување на бродот на два дела и од катастрофални последици кои би го имало по животната средина.
Локацијата на истекувањето на нафтата се наоѓа во срцето на природниот резерват Халанијатски острови, кој официјално беше прогласен за заштитено подрачје во 2025 година. Ова значително ја зголемува заканата за уникатните екосистеми и претставува директна опасност за коралните гребени и ливадите со морска трева.
Ханен Кескес, активист во „Гринпис МЕНА“ изјави: „Дури и релативно малите излевања на нафта можат да имаат долготрајни последици за морските екосистеми со хемиски остатоци кои перзистираат во морските седименти со години, компромитирајќи ја нивната еколошка отпорност. Со забрзувањето на истекувањето на нафта од насуканиот „Керолин Безенги“, последиците врз животната средина ќе бидат сериозни, загрозувајќи ги коралните гребени, ливадите со морска трева и крајбрежните живеалишта кои ги поддржуваат загрозените морски желки, морските птици преселници и морските цицачи на островите Халанијат. Морските желки се потпираат на плажите на островите за гнездење и положување јајца, додека многу видови морски птици зависат од островите како критични места за размножување. Околните води се дом и на реткиот грбав кит од Арапското Море.
Големи делови од крајбрежјето на островот Ал Киблија се чини дека се погодени, додека дополнителни нафтени дамки се протегаат далеку во морето, дополнително загадувајќи и оштетувајќи го овој заштитен морски екосистем. Според извештаите, танкерот испушта нафта откако се насука во јуни, откако налетал на мина, што резултираше со поплавување на машинската просторија, и потребни се итни мерки за да се ограничи излевањето и да се спречи понатамошна штета на морскиот свет и на средствата за опстанок на локалното население.
„Каролина Безенги“ е заглавен во близина на Ал Киблија, ненаселен остров во архипелагот Ал Халанијат, во рамките на заштитено морско подрачје. Според извештаите, танкерот бил речиси целосно натоварен кога се заринкал, а се проценува дека носел околу 800.000 барели нафта.
Ситуацијата околу танкерот „Керолин Безенги“ е уште еден алармантен пример за сериозните еколошки ризици што ги претставува таканаречената руска флота во сенка. Санкциите се заобиколуваат со користење на стари и лошо одржувани танкери, ставајќи ги во опасност крајбрежјата и морските екосистеми со цел да се одржат приходите што помагаат во финансирањето на агресивната војна на Русија против Украина.
Со оглед на тоа што нафтата очигледно истекува со забрзано темпо и танкерот е заглавен на тешка локација, постои непосреден ризик од невидена нафтена катастрофа од расипан танкер, со катастрофални последици за крајбрежјата и морските екосистеми на регионот, алармираат еколозите.
Тешкотиите околу „Каролина Безенги“ одразуваат пошироки загрижености предизвикани од претходните истраги на „Гринпис“ за руската флота во сенка. Според Гринпис, бродот ја изгубил својата регистрација на знамето во Камерун на 29 мај и оттогаш е наведен како „непознато знаме“ од Меѓународната поморска организација. Оманските власти наводно му наложиле на сопственикот со седиште во Шангај да дејствува, но не добиле одговор. Танкерот не е осигуран од ниту еден признат клуб за заштита и обештетување (P&I), туку од сомнителна осигурителна компанија наречена „Арсенал Киргистан“, очигледно со седиште во Киргистанската Република. Гринпис се сомнева дека тоа покритие воопшто е важечко и дека ќе обезбеди доволно средства за итни мерки, чистење, еколошка реставрација и компензација.
(Фото: Гринпис, архива, Niels Johannes / Wikimedia Commons, CC BY-SA 4.0)
Аналитика








