ПОВЕЌЕ

    ГРЦИЈА СО МАСОВНИ И НАСИЛНИ ПРОТЕСТИ ја одбележа двегодишнината од железничката трагедија во која загинаа 57 млади

    Време зa читање: 4 минути

    Протестот поради одговорот на грчката влада на досега најголемата железничка несреќа во државата стана насилен во петокот, бидејќи голем број млади фрлаа камења и молотови коктели врз полицијата, јави Фокс Њуз.

    Огнените сцени се случија пред зградата на грчкиот парламент во Атина за време на масовните протести по повод втората годишнина од разорната железничка несреќа во северна Грција, во која загинаа 57 лица.

    По повеќечасовните мирни собири во грчката престолнина, младите со чекани кршеа улични плочки, фрлајќи парчиња и импровизирани огнени бомби врз полицијата која одговори со солзавец.

    Судири избувнаа и во вториот град во Грција, Солун, каде огромна толпа го преплави центарот, а луѓето пуштаа црни балони на небото во спомен на загинатите. Повеќе од 80 лица се приведени, а петмина се повредени само во Атина, соопштија властите.

    Стотици илјади демонстранти ги преплавија улиците на градовите низ Грција во петокот во масовна мобилизација, предводена од роднините на семејствата на жртвите. Протестите се одржаа под мотото „Немам кислород – правда мора да има“, што се однесува на зборовите од аудио-снимката од една од жртвите, која го преживеала иницијалниот судир, но потоа починала од задушување во експлозијата која уништила голем дел од вагоните, што се појави и беше споделувана на социјалните мрежи.

    „За оние од нас кои имавме деца во тој воз, дел од нашата душа остана таму и никогаш нема да се врати“, рече Марија Каристијану, претседателка на здружението на жртвите Темпи, чија ќерка Марти беше меѓу загинатите во трагедијата.

    Истрагата во четвртокот заклучи дека несреќата била предизвикана од човечка грешка, лошо одржување и несоодветен персонал.

    Протестите – меѓу најголемите од должничката криза во земјата пред повеќе од една деценија – беа поттикнати од незадоволството на јавноста против перцепираната неактивност на конзервативната влада.

    Критичарите велат дека политичарите треба да одговараат за неуспесите што довеле до несреќата, но досега само железничките службеници се обвинети за какви било кривични дела. „Владата не направи ништо за да дојде до правдата“, рече Христос Мејн (57), музичар на митингот во Атина. „Ова не беше несреќа, тоа беше убиство“, рече тој.

    Во еден од најголемите протести во Грција во изминатите години, јавните служби и многу приватни бизниси беа запрени, а луѓето излегоа на улиците на градовите и населбите извикувајќи „убијци“ против, како што велат, улогата на државата во катастрофата. Владата негира дека сторила нешто лошо.

    Железничките синдикати велат дека мрежата е слабо одржувана и покрај надградбите на железничките услуги за да се обезбедат побрзи возови во последниве години.

    Во железничката катастрофа во 2023 година во Темби патнички воз директно се судри со товарен воз што возел на истите шини во спротивна насока. Возот се движел по најпрометната рута во Грција, од главниот град Атина до вториот по големина град во земјата, Солун.

    Тоа беше најтешката железничка несреќа во Грција и остави над 90 лица повредени, а откри недостатоци во транспортната инфраструктура на земјата.

    За Грците овој масовен протест беше невообичаен по тоа што не беше поврзан со економијата и нивните лични финансии.

    Истрагата во четвртокот покажа дека биле исплатени милиони евра за покривање на инсталацијата на безбедносни системи долж железницата, но дека проектот останал нецелосен поради корупција и бирократија.

    Роднините на загинатите во несреќата веруваат дека товарниот воз можеби превезувал шверцувано гориво во име на шверцерски синџир.

    „Невозможно е да се одреди што точно ја предизвикало [огнената топка], но симулациите и експертските извештаи укажуваат на можно присуство на досега непознато гориво“, се вели во извештајот.

    „Сериозните информации исчезнаа бидејќи местото на несреќата не беше запечатено“, велат експертите, зголемувајќи го гневот на јавноста и засилувајќи ги шпекулациите за прикривање.

    Портпаролот на владата Павлос Маринакис негираше дека има прикривање и рече дека тврдењето не е поткрепено со извештајот.

    (Фото: АП, БиБиСи)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично