Гостиварци ја гаселе жедта со вода опасна по живот. Од чешмите излегувал отров. Основното јавно обвинителство Гостивар отвори истрага против три лица поради сомнение дека со свои постапки го загадиле системот за водоснабдување на Гостивар и дел од околните села, предизвикувајќи сериозна здравствена криза поради која повеќе од 1.200 граѓани побараа лекарска помош, а Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) издаде забрана за користење на водата за пиење.
Осомничени се в.д. директорката на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, техничкиот раководител на Секторот за технички работи и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи. Тие се товарат за тешки дела против животната средина и природата, сторени со загадување на вода за пиење.
Според Обвинителството, на 25 јуни тројцата им наложиле на вработени да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода загадена со штетни материи, во близина на преливната комора на водоснабдителниот систем, со образложение дека треба да се тестира притисокот на водата.
При увидот на 16 јули, истражителите затекнале две од пумпите кои сè уште да работат. Преку потисни црева, тие пренесувале вода од отворениот канал во комората со вода за пиење, при што дошло до мешање на загадената вода со водата од главниот цевковод.
Анализите на Институтот за јавно здравје покажале сериозно микробиолошко загадување. Во водата од каналот биле измерени 2.419,6 колиформни бактерии на 100 милилитри, иако максимално дозволената вредност е 50 cfu/100 ml. Во примероците од каптираниот извор, каде референтната вредност за колиформни бактерии треба да биде нула, биле утврдени 39 cfu/100 ml, како и зголемен број аеробни мезофилни бактериски колонии.
Дополнително, во примерок земен од чешма на улицата ЈНА во Гостивар било утврдено дека концентрацијата на резидуален хлор достигнала 1,1 милиграм на литар, што е повеќе од двојно над максимално дозволената вредност од 0,5 мг/л.
Поради ваквите наоди, Агенцијата за храна и ветеринарство на 17 јули донесе решение за забрана за употреба на водата од градскиот водовод, а Институтот за јавно здравје дополнително апелираше граѓаните водата воопшто да не ја користат за пиење, ниту по превривање, сè до официјално укинување на забраната.
Јавниот обвинител оценил дека постои основано сомнение дека е сторено кривичното дело, бидејќи загадувањето предизвикало промени што не можат лесно да се отстранат. Тројцата осомничени се лишени од слобода, а Обвинителството најави дека ќе предложи соодветни мерки за нивно обезбедување и ќе продолжи со истрагата за целосно расчистување на случајот.
Случајот предизвика големо внимание во јавноста, откако во изминатите денови над 1.200 жители на Гостивар побараа медицинска помош поради симптоми како дијареја, повраќање, стомачни болки и покачена температура, додека институциите започнаа координирана истрага за причините за загадувањето на водоводниот систем.
По објавувањето на деталите од истрагата, епидемиологот и поранешен министер за здравство Драган Даниловски оцени дека информациите на Обвинителството значително ја зајакнуваат хипотезата дека масовното заболување во Гостивар е поврзано со микробиолошка контаминација на водоснабдителниот систем.
„Постои силна епидемиолошка поврзаност меѓу појавата на заболувањата и контаминацијата на водоснабдителниот систем“, наведува Даниловски, додавајќи дека новите сознанија го посочуваат и можниот механизам на загадувањето – пренесување површинска вода од отворен канал во системот за вода за пиење.
Тој сепак нагласува дека обвинителското соопштение претставува основано сомнение, а не правосилна судска одлука, па кривичната одговорност допрва треба да се утврди. Според Даниловски, покрај индивидуалната одговорност, неопходно е да се испита и функционирањето на целиот систем за водоснабдување и институционалното постапување за да се спречат слични случаи во иднина
Аналитика








